Пратениците ќе расправаат за Законот за медиуми

Во македонското Собрание денеска седници ќе одржат комисиите за економски прашања, за транспорт, врски и екологија и за прашања на изборите и именувањата.

На дневиот ред на Комисијата за економски прашања се предлог законите за индустриски-зелени зони, за изменување на Законот за јавните претпријатија и за изменување и дополнување на Законот за трговските друштва, сите во второ читање.

Единствена точка на дневниот ред на Комисијата за транспорт, врски и екологија е јавната расправа по Предлогот на законот за медиуми, додека Комисијата за прашања на изборите и именувањата ќе разгледа повеќе точки меѓу кои и утврдувањето предлог-одлука за изменување на Одлуката за избор на претседатели, заменици на претседателите, членови и нивни заменици на комисиите на Собранието на РМ.

Покрај тоа, ќе ги утврди и предлог-одлуките за изменување на Одлуката за основање на пратенички групи на Собранието на РМ за соработка со парламентите на други држави и избор на претседатели и членови на пратеничките групи на Собранието на РМ за соработка со парламентите на други држави, за изменување на Одлуката за избор на членови на Комитетот за односи меѓу заедниците, за изменување на Одлуката за именување на претседател, потпретседател, членови и заменици-членови на Националниот совет за евроинтеграции, за изменување на Одлуката за избор на шеф, членови и заменици-членови на Делегацијата на Собранието на РМ во Парламентарното собрание на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ПС ОБСЕ), за изменување на Одлуката за избор на претседател, потпретседатели, членови и заменици-членови на Делегацијата на Собранието на РМ во Парламентарниот комитет за стабилизација и асоцијација, и за разрешување и именување на претседател и членови на Одборот за доделување на државната награда „Мито Хаџи Василев Јасмин“.

На дневниот ред на Комисијата се и утврдувањето мислење по Предлог-правилникот за изменување на Правилникот за систематизација на работните места во Службата на Собранието на РМ, и по Предлог-правилникот за изменување на Правилникот за внатрешна организација на Службата на Собранието на РМ, како и утврдувањето предлог-одлука за разрешување и именување на член на Советот за статистика на РМ.