Почнаа „Илинденските денови“ во Битола

Илјада учесници играорци, фолклористи од Бразил, Израел, Полска, Турција, Словенија, Хрватска и од Македонија со песни и игри, со големо дефиле по Широк Сокак го одбележаа свеченото отворање на 43-от Републички фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“.

Учесниците на фестивалот ги поздрави градоначалникот на општина Битола Владимир Талески кој во своето обраќање го потврди програмскиот квалитет на фестивалот во чест на македонскиот Илинден.

- Тука во Битола, по 43-ти пат се одржуваат илинденските денови во чест на големиот и единствен – Македонскиот Илинден! Празникот, денот, името што ги поврзува сите Македонци од цел свет. Оваа манифестација е се поубава и насекаде прифатена, истакна Талески.

Фестивалот за отворен го прогласи пратеничката Лилјана Кузмановска, која истакна дека овој културен настан ја нагласува традицијата и го почитува народниот аманет.

- Од 1971 година како нов креативен чекор во заштитата на животното егзистирање на традиционалните вредности, фестивалот го покажа вистинскиот правец кон зачувување и презентирање на народната култура. Темелните поставки, стручниот пристап и визиите за развој го оформија фестивалот во еден вид стожер на духовното поврзување на Македонците од целиот свет, огледало на мултикултурата во Македонија и мост меѓу локалните и интернационалните културни вредности, посочи Кузмановска.

Фестивалот на народни песни и игри „Илинденски денови“ годинава освен настап на домашни културно уметнички друштва нуди и ансамбли од три континенти кои во Битола пристигнаа по зачленувањето на фестивалот во светската мрежа на фолклорни фестивали.

Според Борче Димитровски, директор на НУ Центар за култура-Битола, овој фестивал до пред 15 години беше само чувар на богатата фолклорна традиција, сега веќе прераснува во нешто друго, односно ја задржува основната мисија, но исто така ја слави и богатата традиција на народите од целиот свет.

Фестивалската програма на „Илинденски денови“ денеска ќе биде исполнета со вториот ден од семинарот за традиционална музика и игра, премиерно презентирање на манифестацијата „Напладне в чаршија“, а вечерта ќе биде заокружена со настап на културно уметнички друштва од Македонска Каменица, Пробиштип, Облешево, Тетово, Македонски Брод, Радовиш, Куманово, Битола, како и гостите од Савињска Долина, Словенија и Дзиерзониов од Полска.