Антикорупциска опоменува четири лица за судир на интереси

Државната комисија за спречување на корупцијата постапувајќи по предмети од областа на судирот на интереси констатира состојба на судир на интереси кај лицата Мирче Аризановски, Атила Клинче, Лидија Марковска Кардула и Костадин Галачаев поради извршување на две функции истовремено и поради повреда на член 9 од Законот за спречување судир на интереси и тоа:

Мирче Аризаноски повреда на член 9 од Законот за спречување судир на интереси – истовремено со функцијата член на Совет на општина Брвеница на која е избран на Локалните избори одржани 2013 година сеуште ја извршува односно не се откажал од извршување на функцијата управител на трговско друштво – Друштво за производство, трговија и услуги „Металотехна Ем-Ма“ ДООЕЛ увоз извоз Брвеница што е спротивно на наведениот член од законот.

Лидија Марковска Кардула – повреда на член 9 од Законот за спречување судир на интереси – истовремено со функцијата член на Совет на општина Крушево на која е избрана на Локалните избори одржани 2013 година сеуште ја извршува односно не се откажала од извршување на функцијата управител на Приватна здравствена установа – Ординација по општа медицина „Др. Лидија Кардула“ Крушево што е спротивно на наведениот член од законот.

Костадин Галачев – кумулација на функции – истовремено со функцијата член на Советот на општина Кочани ја извршува и функцијата член на Управен одбор на ЈЗУ – „Универзитетска клиника за радиологија“ Скопје.

Атила Клинче – кумулација на функции – истовремено со функцијата директор на Националната установа Турски театар Скопје ја извршува и функцијата член на Советот на Македонската радиотелевизија.

Постапувајќи согласно со одредбите од Законот за спречување судир на интереси, а во насока на отстранување на констатираните состојби на судир на интереси, Државната комисија за спречување на корупцијата во смисла на член 23 став 1 од Законот за спречување судир на интереси се обрати лично до наведените лица со барање во рок од 15 дена сметано од денот на приемот на барањето доброволно да се откажат од извршувањето на една од двете функции кои истовремено ги извршуваат, односно да се откажат од извршување на функцијата управител на трговско друштво или установа со што ќе ја отстранат повредата на член 9 од Законот за спречување судир на интереси, односно состојбата на судир на интереси во која се наоѓаат.

Мирче Аризановски, Атила Клинче, Лидија Марковска Кардула и Костадин Галачаев не постапија по барањето на Државната комисија, по што во смисла на член 23 став 3 од Законот за спречување судир на интереси Државната комисија донесе одлука на овие лица да им изрече мерка јавна опомена.

Согласно со член 25 став 2 од Законот за спречување судир на интереси мерката јавна опомена се објавува во средствата за јавно информирање.

Во контекст на наведеното Државната комисија за спречување на корупцијата Ви ги доставува податоците за изречените мерки јавна опомена на наведените лица со цел нивно објавување во јавноста.

(Интегрален текст од соопштение на Државна комисија за спречување на корупцијата)

ФОТО: Канал 5

најчитано сега