Што се случи на 6 август во Скопје?

Во вечерните часови на 6 август, поширокото скопско подрачје беше зафатено од невреме со катастрофални последици, проследено со интензивни врнежи од дожд, олуен ветер, силни грмотевици,  атмосферски електрични празнења, и поројни поплави. За жал, ова страшно невреме однесе и човечки животи и предизвика големи материјални штети.

– Со невремето се соочив и јас,  бидејќи истата вечер се враќав од годишен одмор во Скопје. Во делот каде се издвојува патот кон градот Скопје и заобиколницата, буквално наидовме на силниот налет на олујата при што бев оневозможен да управувам со возилото. Во тие ноќни часови и следните денови бев загрижен поради ситуацијата и посебно настраданите и се прашував за каков тип на олуја станува збор, бидејќи досега освен во тропските предели каде вообичаено се јавуваат силни тропски бури за време на монсунсиот период, не сум се соочил со ваков тип на интензивно невреме кај нас, со бурни процеси и екстремно интензивни врнежи, долг животен циклус на олујата, чести молњи и грмежи, ненадејни поплави, човечки загуби и големи материјални штети, вели  за МИА др. Владо Спиридонов, нас.вон. професор по метеорологија на Институтот за физика при ПМФ.

Нестабилноста, вели професорот, започнува уште во пладневните часови, во западните планински области на Македонија, како резултат на приближувањетона центар со низок воздушен притисок на висина и циклонска циркулација.

– Во југозападно струење на висина се врши прилив на влажен воздух од јужните делови на Јадран и Јонско Море во западните и северозападните делови на Македонија со што настана дестабилизирање на атмосферата.

Дополнително, термичките карактеристики на атмо­сфе­рата тој ден, интензивното загревање и формирање на езеро на многу топол воздух (термички балон), испарувањето како и специфичната орографска структура на Скопска котлина создадоа допол­нителни поволни услови за развој на силни грмотевични облаци, вели др. Спиридонов.

Според него, поинтензивните процеси се одвиваат во попладневните часови кога се иницираат повеќе конвективни јадра во една линија на нестабилност во северозападните делови на Македонија, која постепено се трансформира во организиран конвективен систем (MCS) во средни размери (кластер), за да во вечерните часови се издвои едно поголемо конвективно јадро кое експлозивно се развива и прераснува во силен суперќелиски облак.

– Со цел да се дојде до подетални сознанија околу генезата, еволуцијата и силината на ова невообичаено невреме кое го зафати Скопското подрачје, подготвена е детална научна анализа. При тоа направенa е нумеричка симулација на олујниот облак со помош три-димензионален модел на облак со цел да се добие пореалистична слика за иницирањето, развојот и дисипацијата на овој несекојдневен атмосферски феномен. Првичните анализи и научни согледувања упатуваат на појава на суперќелиска олуја со присуство на мезоциклон, заклучува  др. Спиридонов.

Мезоциклонот кој се развил над Скопското подрачје претставува силен вртложен систем, со ротирачки вертикални струења на воздухот, формиран внатре во моќниот супер­ќелиски облак како што е прикажано на Сл. 1.

– Во развојниот стадиум на олујниот облак хоризонталната вртложност постепено се наклонува, интензивира и трансформира во вертикална вртложност. Појдовни термо­динамички услови за формирање на ваков олуен облак се: висок термички градиент- нестабилна атмосфера, конвергенција на воздухот во приземје,  прилив на влажен воздух на висина, промената на правецот и брзината на ветерот со висина, диференцијалното загревање на областа и др фактори (Сл. 1).  Тоа придонесе за интензивирање на одредени динамички ефекти во атмосферата, како што се процесот на конвекција, изразена турбуленција, ефект на потисок и интензивно мешање на надворешниот амбиентален воздух, вели професорот метеорологија.

Тој објаснува дека, мезоциклонот всушност е еден од најразорувачките атмосферски системи од сите можни типови на олуи, и во зависност од тоа каде се формира, создава силни ветрови, интензивни врнежи од дожд и град, развој на слабо-до-силно торнадо, ненадејни поплави, предизвикуваат големи материјални штети, па дури и човечки загуби.

– Во внатрешната област на овие олуи, се формираат неколку парови на ротирачки вертикални струења. Истотака се издвојуваат и региони со нагорни и надолни  струења на воздухот и појава на интензивна јонизација која предизвикува генерирање на атмосферски електрицитет и празнења. Оваа динамика внатре во облакот е карактеристична за вакви интензивни олуји, кои имаат силно изразен и одржлив вртложен момент, со што се оневозможува брза дисипација на истите. Оттаму животниот циклус на овој тип олуи трае и до неколку часови што беше пресудно за поплавата, потенцира професорот.

Внатрешната структура на олујата во својот фаза на бурен развој е прикажана на Сл. 2. Во горниот дел на суперпреладената облачна маса се формираат ледени-снежни кристали, облачен лед и преладени капки водена пара. Во средниот дел на облакот се издвојуваат сегменти со поцврста ледена структура составена од зрна град додека во долниот дел се формираат две зони со појава на интензивни врнежи (области со зелено). Она што е посебно значајно за суперќелиската олуја  над Скопје, според него, е интензивната продукција на облачен лед кој во врнежливата зона се трансформира во интензивни врнежи.

– Симулацијата на еволуцијата на радарската рефлексивност чија максимална вредност надминува 70 dBZ, јасно ја одразува силината и интензитетот на олујата и детекција на регион со  ограничен радарски одраз на висина кој настанува кога силните вертикални струења во олујниот облак ги суспендираат и спречуваат врнежите да се формираат и паѓаат во оваа област. Локацијата на овој одраз коинцидира со центарот на мезоциклонот (ротирачкото издигнување на воздухот) (Сл. 3), објаснува др. Спиридонов.

– Она што е многу карактеристично е екстремниот интензитет на врнежи во три наврати, во ограничена област во многу краток временски период. (Сл. 5). Просечниот интензитет на врнежи (10мм/5мин) за 1 час симулација, покажува поголема вредност во однос на максималниот интензитет на врнежи (16мм/10мин), регистриран на AMС-“Гази Баба” во 17:50 ч. (извор: УХМР), вели тој. Одовде, сосема реална е проценката дека при налетот на олујниот бран во најпогодената област, интен­зитетот на врнежите навистина бил екстремен. Тоа всушност го покажуваат и резултатите од симулацијата.

Непобитен е фактот, дека ваков екстремен интензитет на врнежи е многу редок и е одлика само за области каде има услови за интензивна тропска конвекција, во присуство на голема топлина и влага во приземниот слој на атмосферата, како што е случај кај тропските циклони и олуи.

Несомнено е дека три-димензионалниот приказ на развојот на облачниот систем над Скопско, дава исклучителна реалистична слика за структурата и интензитетот, како и типот на оваа суперќелиска олуја. Светлосивите појаси на Сл.6 означуваат области со облачен лед и преладена вода, потемно сивата боја покажува региони каде се формираат цврсти ледени зрна град, жолтеникавата боја која се детектира воглавно во горните делови на облакот во карактеристичната наковална, каде има негативни температури означува снежни кристали, и зелената боја ги прикажува зоните со интензивни врнежи.

Во Табела 1 се дадени основните параметри на симулираниот три-димензионален суперќелиски облак на ден 6 Август 2016 год кој јасно упатуваат за каков временски феномен станува збор.

Табела 1

Параметар

Вредност

База на суперќелискиот облак 1.6 км
Максимална висина 15 км
Максимална вертикална брзина 28 м/с или 100 км/час
Максимална хоризонтална брзина 32 м/с или 115 км/час
Максимална радарска рефлексивност

 

која ја одразува силината на олујата

74.5 dBZ
Симулирана акумулирана количина на врнежи за 60 мин 123 мм
Симулирана вредност на макси­мал­ниот  интензитет на врнежи на олујниот облак

 

 

38мм/5мин (просек за три последователни максимуми)

 

10 мм/5мин  за 1 час симулација

Период на максимален развој 20-25 мин

 

30-35 мин

Зафатена област со екстремен  интензитет на врнежи

 

Поширока област со интензивни врнежи

10-15 км2

 

 

50 км2

Хоризонтална димензија на

 

простирање на олујниот облак

35 км
Правец на движење на врнежливиот

 

Бран

Југоисток -Северозапад

 

 
 
25.08.2016 - 12:11

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега