Продолжи расправата за Законот за медиуми - прочитајте што мислат медиумските работници

Денеска во македонското Собрание се одржа јавна расправа за Предлог законот за медиуми. И денеска, мислењата на медиумските работници и експерти се крајно спротиставени. Дел од нив сметаат дека закон за медиуми не и треба на Македонија, а други пак, го поздравија неговото носење. На расправата се коментираше и за состојбата со медиумите и медиумските работници во Македонија.
 
Министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски објасни дека законот се однесува на сите медиуми и дејаод неговото прво претставување во јавноста досега се направени повеке корекции, по сугестија на странските и на домашните експерти. Појасни одредени членови кои подолго време беа дискутирани како што е електронска публикација, дефиницијата за новинар, надлежноста на идната Агенција за медиуми... Поделбата на два закона - за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и на закон за медиуми, според Ивановски била по препорака на ОБСЕ, странски и домашни организации со цел појасно и попрецизно да се знае што се однесува на печатените и електронските медиуми, а што за радиодифузерите.  
 
Тамара Чаусидис од Самостојниот синдикат на новинари рече дека оваа трета верзија на законот е подобра од претходните, но оти загриженоста и недовербата кај новинарите и медиумските организации останува поради одредени членови во законот, како што е на пример рестриктивното дефинирање на новинарите. Таа смета дека законот не ги допира вистинските прашања. Чаусидис го посочи примерот на Хрватска, посочувајќи дека треба да има посебен член што ке го уредува статусот на слободните новинари.  Таа предупреди дека законот нема членови кои би се однесувале на безбедноста на новинарските екипи, казни за нивен напад, работното време на медиумските работници, кое предупреди не може да биде осум часа како во други дејности, не се воведува обврска за здравствено и пензиско осигурување за медиумските работници со договор на дело како што е во Франција и од скоро во Србија. Таа го спомена и случајот со новинарот Томислав Кежаровски, кој веќе трет месец е притворен поради сомнение дека открил заштитен сведок. Според Чаусидис, тој ја обесхрабрува идејата за истражувачко новинарство.
 
Предлог за воведување лиценца за новинарите денеска изнесе новинарката Мирка Велиновска, која смета дека исто така треба да се појасни и дефиницијата за тоа што е новинар. 
 
Уредничката на Вечер Ивона Талевска и претседателката на Македонската асоцијација на новинари Слаѓана Димишковска најавија дека до Собранието ќе достават амандмани за одредени членови на предлог-текстот. Талевска го поздрави донесување на законот и рече дека со него ќе се заштитат новинарите и нивните права. 
 
Претставникот на Центарот за развој на медиуми, како и дел од уредниците на неколку печатени медиуми и електронски публикации сметаат дека ваков закон на Македонија не и е потребен, но сепак коментираа одредени негови членови. 
 
Двете расправи посветени на медиумските закони, вчера и денеска што се одржаа во организација на собраниската Комисија за транспорт, врски и екологија. Пред нивното донесување, како што најави вчера министерот Ивановски, на 13 август ќе се одржи уште една со експерти од ОБСЕ, Советот на Европа и TAIEX.

ФОТО: Vlada.mk

најчитано сега