И во Белград се одбележува Илинден

Здружението „Македониум“ од Белград организира повеќе културни настани по повод националниот празник Илинден. Во куќата на Ѓуро Јакшиќ во Скадарлија отворена е мултимедијалната изложба „Кокино - Мистичен шепот низ вечноста“ на авторот Љупчо Илиевски.

Изложбата ја отвори конзулот на Амбасадата на Република Македонија во Белград, Марјан Јованоски. За уметничката вредност на фотографиите зборуваше Игор Рил, главен и одговорен уредник на списанието Национална географија во Србија.

Физичарот и астроном од планетариумот од Скопје, кој ја извршил деталната археоастрономска анализа на Кокино, Ѓоре Ценев одржа предавање за оваа мегалитска опсерваторија од која се набљудувани небеските тела и биле изработувани сончевите и лунарните календари. По предавањето бил прикажан и документарен филм за овој феномен.

Изложбата е дел од манифестацијата „Денови на македонската култура во Белград - Допир на Македонија“, чиј прв дел беше реализиран во мај годинава. 

најчитано сега