„Даме Груев“ станува булевар, две варијанти за уривање на зградата кај "Корзо"

Проширувањето на улицата "Даме Груев" годинава нема да почне. Градските власти во моментов работат на изработката на проектите, по што ќе биде распишан тендер за изведувач.

"Сообраќајниот проект не е уште изготвен, а по неговото изготвување ќе се пристапи кон изработка на основен проект, по што ќе се знаат сите детали околу изградбата, чинењето и други архитектонски решенија. Откако ќе бидат завршени проектните активности, ќе се пристапи кон постапка за изведба. Што сe ќе влезе во буџетот за наредната година ќе се знае по неговото донесување", велат од Град Скопје.

За уривање на зградата над кафулето "Корзо"  кое се наоѓа на трасата на булеварот постојат две варијанти. Првата предвидува да се урнат само приземјето и првиот кат, и со потпорни ѕидови да се зацврсти објектот, а втората да се отстранат сите четири ката. Конечната одлука треба да ја даде ИЗИИС, откако ќе утврди колку градбата е цврста. Но од она што досега е увидено на терен, во игра е втората варијанта, а тоа лани го најави и градоначалникот Коце Трајановски.

"Прво, заедно со ИЗИИС, се разгледуваше варијантата да се урнат само приземјето и првиот кат, па да се поставата потпорни столбови и булеварот да минува под зградата. Но сега ни е кажано дека зградата не е доволно цврста. Ако тоа се случи, ќе треба и соодветно да го обесштетиме сопственикот. Во овој дел на зградата во моментов никој не живее, тоа се деловни простории кои не се користат", рече лани градоначалникот Коце Трајановски.

Иако Градот уште нема одлучено како ќе се урива зградата, минатата година беше донесена одлука за размена на деловен простор со фирмата "Центро" АД Скопје во стечај. За деловниот простор во приземјето каде што некогаш беше "Рубин кармин" и за првиот кат, "Центро" ќе добие деловен простор во катната гаража "Тодор Александров", која се наоѓа отспротива. 

 
 
03.10.2016 - 11:08

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега