Одбележана 10-годишнината од потпишувањето на ЦЕФТА договорот

 

Министерството за економија денеска во Скопје ја одбележа 10 годишнината од потпишувањето на ЦЕФТА договорот 2006 со организирање на рeгионалниот настан „Република Македонија - 10 години од ЦЕФТА“ како придонес на земјава во спроведувањето на Програмата за далекусежност и забележителност на ЦЕФТА.

- Основата на ЦЕФТА договорот е олеснување на процесите за пристапување на ЦЕФТА земјите во Европската унија и успешно интегрирање и интензивирање на трговијата на пазарите со земјите од ЕУ, порача министерот за економија Дритон Кучи на отворањето на настанот.

Тој истакна дека во 2015 година 81 отсто од вкупниот извоз на земјава бил реализиран во земјите од ЕУ, а 12 отсто во земјите од Западен Балкан. Слично е и кај увозот. Земјава, како што рече, дури 63 отсто од увозот го реализирала од земјите членки на ЕУ, а 10 отсто од земјите од Западен Балкан.

- Во првите седум месеци од годинава остварен е пораст на извозот со земјите на ЦЕФТА од 5,4 отсто во споредба со лани и пораст на увозот од 2,9 отсто. Косово и Србија се земји кои припаѓаат на ЦЕФТА и се меѓу првите 20 земји со кои Македонија остварува најголема трговска размена, рече Кучи.

Досега, нагласи, во рамките на ЦЕФТА е постигната целосна либерализација во трговијата со земјоделски производи, се финализира процесот на преговори за олеснување на трговијата и ќе следи усвојување на дополнителен протокол за олеснување на трговијата, а во завршна фаза се преговорите за поширока либерализација на трговијата со услуги во однос на либерализацијата што е постигната со членството во СТО.

- Приоритет на ЦЕФТА програмата се преговорите што Министерството за економија ги води за нова либерализација на трговијата со услугите, креирање правен документ за олеснување на трговијата и креирање нови ЦЕФТА структури кои се инпут за континуиран раст на трговската размена во регионот и можност за поврзување, вмрежување и интернационализација на поедини бизнис групации во глобалните процеси, рече Кучи и изрази надеж дека денешниот настан ќе претставува важен придонес кон подобрување на бизнис климата во регионот.

Вицепремиерот за евроинтеграции Арбр Адеми посочи дека предностите кои произлегуваат од меѓусебната географска близина, инфраструктурните врски, компаративната економија, како и природните карактеристики ја прават регионалната соработка неопходна за земјите од Западен Балкан во нивните евроинтегративни напори.

- Во Стратегијата за проширување на ЕК е посочено дека натамошната интеграција на пазарот е уште еден приоритет за регионот која се постигнува преку Централноевропскиот договор за слободна трговија (ЦЕФТА). Македонија веќе 10 години активно учествува во сите работни тела на ЦЕФТА и дава свој придонес во реализацијата на заедничките цели и проекти. Регионалната трговска соработка во рамки на ЦЕФТА е од непроценливо значење со оглед на тоа што го зголемува вкупниот обем на трговската размена и придонесува за поголемо ниво на трговска интеграција и економска соработка како со регионот, така и со ЕУ, рече Адеми.

Нагласи дека со економската соработка меѓу земјите од регионот ја зголемува конкурентноста на македонската економија и ја подготвува за справување со притисоците од конкуренцијата во рамки на ЕУ.

Регионални настани за одбележување на 10 годишнината од ЦЕФТА предвидено е да се одржат во сите ЦЕФТА земји. Целта е да се согледа значењето на ЦЕФТА како регионална сопственост и нејзината транспарентност. По повод одбележувањето на јубилејот ќе биде изготвена и заедничка брошура „Митови и факти за ЦЕФТА“.

Прашан дали нема да има проблеми за реализирање на одредбите од ЦЕФТА договорот какви што имаше со Србија и Косово, министерот Кучи рече дека се надева оти во иднина ќе бидат надминати недоразбирањата.

- Во ЦЕФТА договорот има одредби во кои се потенцира дека фитосанитарната инспекција има право да ги контролираат продуктите ако се сомнева во нивниот квалитет, но треба претходно да ги внесе во адекватни простории, рече Кучи.

Професорката на Економскиот факултет во Скопје Ирена Кикеркова посочи дека има недоразбирања и проблеми во сите интегративни процеси.

- Интегративните процеси не течат глатко никаде. Во првите неколку години од функционирањето на ЦЕФТА договорот Македонија имаше многу поволни резултати и интензитетот на трговската размена на стоки со земјите од регионот значително порасна. Но, откако се случи кризата во ЕУ, со исклучок на периодот од 2010 до 2011 година, трговската размена во рамките на регионот значително се намалува и денеска  изнесува 11 отсто од вкупната трговска размена. За споредба во 2008 година беше 28 проценти, рече Кикеркова.

Како една од причините за намалувањето на размената со регионот и зголемувањето на размената со земјите членки на ЕУ ги посочи технолошко-индустриските развојни зони кои, како што кажа, главно извезуваат на територијата на ЕУ.

- Ова е главната причина, бидејќи компаниите кои се надвор од ТИРЗ, заради погодностите што ги дава Спогодбата за стабилизација и асоцијација и заради тенденцијата да се има пристап на пазар кој има голема потрошувачка моќ и поголема шанса за поголема заработувачка, не покажуваат капацитет да можат паралелно да ги одржуваат позициите на европскиот пазар и во регионот, рече Кикеркова. 

 
 
05.10.2016 - 13:08

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега