Пендерецки со концерт на „Охридско Лето“

На концертот што ќе се одржи во Предворјето на „Света Софија“, како солисти ќе настапат виолончелистите Александра Лелек, Бартос Козаик и Рафал Квиатковски, под диригентска управа токму на великанот Пендерецки.

- Ова е мошне значаен настан за „Охридско лето“, оттаму што вечерашниот авторски концерт на маестро Пендерецки претставува збиднување со исклучителни уметнички вредности. Доаѓањето на најславниот жив композитор на денешницата, композиторската легенда Пендерецки, претставува реализација на фестивалскиот концепт во Охрид да дојдат и настапуваат најзвучните имиња од светската класична музичка сцена, истакна селекторот на музичката програма на „Охридско лето“, Гордана Јосифовска – Неделкова.

Пендерецки во Македонија доаѓа по неколкугодишни преговори заради усогласување на настапот на „Охридско лето“ со неговата збиена агенда.

- Моите дела, мојата музика е изведувана во Македонија пред повеќе од 50 години, но ова е првпат лично да настапувам тука. Вечерва ќе презентирам дела од различни периоди на моето творештво, меѓу кои и музички авторски изрази конципирани врз техники што пред 50-тина години беа шокантни за уметниците, кои одбиваа да ги изведуваат. Но, тие беа дел од моите замисли да создадам сосема нов уметнички израз, рече маестро Пендереци на денешната прес-конференција.

Програмата на вечерашниот концерт содржи исклучително тешки, сложени дела за изведба, што бара максимален ангажман на уметниците.

За неговото исклучително богато музичко творештво великиот Пендерецки рече дека се должи благодарение на околностите во кои се развивал како композитор, што имал можност да учи од најдобрите професори собрани во Краков по Втората светска војна, период за кој смета дека е златниот во историјата на познатата краковска уметничка школа, време на истражувања во музиката.

Големо влијание врз неговото музичка наобразба и творештво има религијата, и тоа со мултиконфесионален пристап што е последица на мултиконфесионалноста во неговото семејство. 

- Најмногу влијание да создавам дела со религиски мотиви имаше актуелната политичка ситуација во Полска во тој период, неповолните односи меѓу религијата и државата. Како млад композитор бев гневен за таквиот однос и токму како бунтовник почнав да создавам дела базирани врз религиски мотиви, појасни маестро Пендерецки.

Во богатиот творечки опус Пендерецки има напишано голем број музички дела, наменети конкретно за големи музички имиња, негови лични пријатели како што се Мстислав Ростропович, Борис Пергаменшников, Зигфрид Палм. Компонира и дела за повеќе виолончелисти, само за да може да ги спои заедно на сцената неговите пријатели уметници.

Осумдесетгодишниот композитор и диригент Пендерецки заедно со Витолд Лутославски е најзначајниот претставник на полската модернистичка и авангардна музика. Неговите дела се осмислени да дадат сосема нови изразни можности на инструментите и човековиот глас. Меѓу неговите најпознати дела се „Тажаленката за жртвите на Хирошима“, оперите „Луденските ѓаволи“ и „Убу Рекс“, вокалните композиции „Страста по Лука“ и „Полски Реквием“. Дел од неговото творештво е и филмската музика, меѓу кои за „Истерувач на ѓаволот“, „Сјаење“, „Катин“. Тој ја компонираше и музиката за отворањето на 29-те Олимписки игри во Пекинг во 2008 година.

Почетокот на концертот е закажан во редовниот фестивалски термин од 21 часот.

Еден час претходно во Малиот салон на изложбената галерија при Центарот за култура „Григор Прличев“ вечерва од 20 часот ќе биде отворена Меѓународна „Екс либрис“ изложба на која ќе бидат претставени осумдесеттина графички минијатури на 45 уметници од повеќе земји од светот, како и домашни автори.

Изложбата досега беше отворена во галеријата на Отвореното графичко студио при Музеј на град Скопје и во галеријата при Националниот театар во Гевгелија. Поставувањето на ваков вид на графичка изложба од меѓународен карактер е од огромно значење за нашата графичка сцена имајќи предвид дека се работи за реномирани автори – графичари од Аргентина, Бразил, Индија, Словачка, Египет, Србија, Бугарија и Македонија. Добитник на Гран при на ова прво издание на Екс либрис Скопје е авторот од Бугарија, Десислав Гечев за делото „Искушение“.

најчитано сега