Заев задоволен од средбата со Ахмети - еве за што зборувале двајцата лидери

Оваа денешна средба претставува култура на политичко однесување по современи европски пракси.

Како нов претседател на СДСМ, покрај средбата со Никола Груевски, како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, сакав да се видам со претседателот на ДУИ, господинот Ахмети. Во иднина претстојат и средби со господинот Мендух Тачи и ДПА, па потоа со господинот Руфи Османи и понатаму секако и со другиот дел на македонскиот блок на политички партии.

Можам да констатирам дека меѓуетничкиот соживот и меѓучовечкото почитување се главен предуслов доколку сакаме Република Македонија, како земја заедничка за сите, да биде место каде што ние политичарите ќе ја исполниме нашата обврска, а тоа е да градиме земја, успешна и перспективна за сите граѓани подеднакво.

Се согласивме дека денес сакаме недвосмислено да ги испратиме позитивните пораки на добрите меѓуетнички и меѓучовечки односи. Се надевам дека таа порака пред се и над се денеска од оваа средба ќе биде испратена.

Ја искористивме приликата, секако, да разговараме за одредени важни теми од државен и национален интерес за Република Македонија.

Разговаравме за економската состојба, за проблемот со името. Разговаравме за меѓуетничкиот соживот во државата, за соработката со соседите, за нашите евро-атлански интеграции.

Претседателот на ДУИ, Али Ахмети, ме информираше за кампањата која што ја водат, и можам само да кажам дека СДСМ останува конструктивен и е подготвен на вистински консензус по прашањето и решавањето на спорот со името. Но, по пат на политичка дебата, а секако не за поддржување на политиките на Никола Груевски.

Апсолутно ние сме приврзаници на тезата дека „план Б“ за Република Македонија нема. Нашето членство во ЕУ и НАТО е главен приоритет за сите граѓани во Република Македонија, главен приоритет и за СДСМ.

Притоа, секако дека националните реторики, одредени проекти само не оддалечуваат и од меѓуетничката соработка и соживот, а секако и не оддалечува од ЕУ и интеграциите на Република Македонија.

Можам исто така да кажам дека претседателот на ДУИ, Ахмети, беше заинтересиран за Извештајот за настаните од 24-ти декември каде што го информирав дека реално Комисијата не може да продолжи да работи без претседател и дека ВМРО-ДПМНЕ не се согласува да прифати Уставни прекршувања и употреба на сила врз пратениците и новинарите, но секако остануваме посветени со крајна цел да изнајдеме решение за ова прашање и се надевам дека со помош на меѓународната заедница, заедно двете политички партии ќе дојдеме до конечно решение во кое што ќе има заклучни согледувања и препораки од Комисијата.

Апсолутно, она што можам да го констатирам е дека од ваквите политички средби интерес би имало целото наше општество, сите оние кои што се во моментот одговорни да носат одлуки, но секако одговорноста ја чувствуваме и ние како опозиција кои имаме своја улога во општеството.

 (Интегрален текст од изјава на лидерот на СДСМ, Зоран Заев)

 

 

 

најчитано сега