Некој го подметнал пожарот во струшко Октиси

Според најновите информации, целосно е локализиран пожарот што вчера попладне избувна над струшкото село Октиси, на планината Јабланица. Командирот на Територијалната противпожарна единица во Струга, Урим Каба, информира  дека пламените јазици проголтале околу четири хектари смреки и сува трева.

- Постоеше опасност огнените јазици да ги зафатат и куќите, каде ден претходно имавме состанок со месното население, ги едуциравме како да се заштитат од пожари, рече Каба.
 
Во гасењето учествувало едно противпожарно возило со шест пожарникари, а помогнало и месното население. Првично, како што истакна Каба, пожарот е подметнат намерно, бидејќи во непосредна близина имало депонија на селото Октиси, која била запалена.
 
Поради непристапноста на теренот и интензитетот на ширење на пожарот, Каба посочи дека побарале помош од Јавното претпријатие за стопанисување со шумски површини „Јабланица“ од каде биле одбиени.

- Ние како Територијална противпожарна единица законски сме обврзани да го известиме ЈП „Јабланица“ и во телефонски раговор директорот  ни посочи дека тие нема да излезат на гасење со образложение дека се плашеле да не им се повредат работниците. Според Законот за пожарникарство во гасењето пожар на шумски површини учествуваат и прво на терен излегуваат шумските претпријатија и тие раководат со гасењето на пожарот, појасни Каба.

За само два дена Струшките пожарникари имале седум интервенции за гасење опожарени стрништа, од кои постоела опасност да бидат зафатени индустриски и станбени објекти. 

најчитано сега