„Алкалоид“ со раст на консолидираните продажби од 5%, инвестиции во износ од 546,87 милиони денари и 115 нови вработувања во периодот јануари – септември 2016-та
„Алкалоид АД“ Скопје оствари позитивни финансиски резултати во периодот јануари – септември 2016 година, покажуваат неревидираниот единечен и неревидираниот консолидиран Биланс на успех.
Според единечниот Биланс на успех, во периодот јануари – септември, продажбите достигнуваат 4.788.360.375 денари, што е за 7% повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Добивката пред финансиски трошоци, даноци и амортизација (ЕБИТДА), која изнесува 893.600.707 денари, бележи зголемување од околу 10%, додека нето добивката е зголемена за 11%.
Во периодот јануари – септември, вкупните консолидирани продажби достигнуваат 6.160.156.025 денари, што е за 5% повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Консолидираните продажби остварени на домашен пазар се зголемени за 2%, додека вкупниот консолидиран извоз на компанијата е зголемен за 7%. Од вкупните консолидирани продажби, 39% се остварени на домашен пазар, додека 61% се остварени на странски пазари. Гледано по региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 34%, во Русија и другите земји од ЗНД се остварени 7%, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 18% и на останатите пазари се остварени 2% од вкупните консолидирани продажби. Најголем пораст кај извозните пазари е остварен во следните земји: САД раст од 74%, Русија раст од 12%, Романија раст од 56%, Словенија раст од 17%, Полска раст од 486%, В.Британија раст од 198%, Унгарија раст од 236% итн.
Гледано по групи на производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби, најголемо учество заземаат производите од сегментот Фармација и тоа 82%. Од нив поголем удел имаат ОТЦ препаратите со 18%, Кардиолошките препарати исто така со 18%, Невролошките препарати со 14%, Антибиотиците заземаат 12% од вкупните консолидирани продажби итн. Сегментот Хемија, Козметика и Билкарство учествува со 18% во вкупните консолидирани продажби или поточно Хемија учествува со 3%, Козметика со 11% и Билкарство учествува со 4%.
Консолидираната добивка пред финансиски трошоци, даноци и амортизација (ЕБИТДА), која достигнува 920.084.756 денари бележи раст од 9%, додека нето консолидираната добивка во износ од 509.357.152 денари е зголемена за 10%.
Вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари - септември 2016 година изнесуваат 546.878.626 денари.
Во периодот јануари - септември 2016 година во Алкалоид се реализирани 115 нови вработувања во Република Македонија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа