ВМРО-ДПМНЕ ја повикува дијаспората да гласа и да се спротистави на црните сценарија

Дијаспората денес и официјално го отвори гласањето за предвремените парламентарни избори. Своето право на глас во странство ќе можат да го остварат вкупно 20.591 македонски државјани.

Поради големата заинтересираност, граѓаните своето право на глас ќе го остварат во 41 дипломатско-конзуларно претставништво и конзуларни канцеларии на Република Македонија.

Македонските државјани кои живеат и работат во странство, а претходно се регистрирале за гласање во дипломатско конзуларните претставништва денес гласаат во поголем број на градови, во различни делови од светот.

Се гласа во Берн, во Венеција, Детроит, Мелбурн, во Рим, Љубљана, Њујорк, Чикаго и Вашингтон, Берлин и Бон, во Виена, Торонто и Отава, Брисел, Лондон, Хаг, во Анкара и Истанбул, Прага, Москва, во Будимпешта, Сараево, во Доха и Абу Даби, во Мадрид, Пекинг и така натаму.

По повод почетокот на гласањето, нашата редакција се обрати и побара став од ВМРО-ДПМНЕ.

Од таму изјавија и повторија дека овие избори не се само обични избори и дека секој глас е подеднакво важен, без разлика дали се гласа во Македонија или надвор од неа, бидејќи токму сега е моментот кога граѓаните ќе одлучат за тоа во каква Македонија сакаат да живеат.

Од владејачката партија, уште еднаш потврдија дека на овие избори граѓаните ќе пратат силна порака и ќе го дадат конечниот одговор дали се за завршување на кризата, за напредок и развој на нашата татковина или пак се за деструкција и продолжување на двегодишната криза која што ја наметна СДСМ во изминатиов период.

 
 
09.12.2016 - 18:02

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега