Реал се откажува од ѕвезда на Баерн

Реал Мадрид повеќе не е заинтересиран за левиот бек на Баерн Минхен, Алфонсо Дејвис, пренесуваат шпанските медиуми. Според информациите,од „Сантијаго Бернабеу“ се насочиле кон ѕвездата на Жирона, Мигел Гутиерез.

Покрај тоа, се вели дека „кралевите“ ставиле крај на обидите да го ангажираат централниот бек на Лил, Лени Јоро, бидејќи е донесена одлука клубот да му даде доверба на младиот Рафа Марин, кој ги импресионирал Карло Анчелоти и другите за време на неговата сегашна позајмица во Алавес.

Исто како Марин, Гутиерез е „дете“ на „Ла Фабрика“ и беше продаден во 2022 година бидејќи бараше поголема минутажа.

Сепак, Реал разумно инсистираше на откупна клаузула за левиот бек и може да ја активира за да го врати 22-годишниот играч на „Сантијаго Бернабеу“ ова лето.

Мадриѓаните веќе ја освоија 36-тата титула во Ла Лига и мирно го завршуваат првенството. Сите погледи сега се вперени кон 1 јуни, кога е финалето со Борусија Дортмунд во Лигата на шампионите.

16.05.2024 - 23:39

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега