Заев очекува корекција на освоените пратенички мандати

Претседателот на СДСМ Зоран Заев денеска оцени дека конечните резлутати од предвремените парламентарни избори што се одржаа во недела доаѓаат допрва и најави оти вечерва до 19 часот опозициската коалиција ќе поднесе приговори до ДИК.

Заев рече дека има разлики во резултатите од податоци од записниците на избирачките места и објавените од ДИК поради што очекуваат корекција на бројот на пратенички мандати во шестата изборна единица.

- Бидејќи првичните неофицијални резултати ги збунија граѓаните укажувам дека конечните резултати допрва следуваат. Постојат разлики во резултатите од записниците на избирачките места и резултатите што ги објави ДИК за тие избирачки места. Само ако се корегираат овие бројки СДСМ има поголем број мандати во ИЕ 6 со што соодносот на добиени мандати е 50:50, рече на прес-конференција Заев.

Поради констатираните нерегуларности, додаде Заев, СДСМ ќе поднесе и приговори, поради што вистинската слика за бројот на добиени мандати ќе ја дадат конечните резултати.

Според Заев, правниот сектор на опозицијата подготвил, како што рече, официјални, точни, проблематични состојби и тие ќе бидат процесуирани до ДИК.

- Периодот е вечерва до 19 часот. Очекувам транспарентно одлучување на ДИК низ институциите на системот пред очите на целата јавност, рече Заев. Тој нагласи оти очекува сите да ја почитуваат, како што рече, вистинската изборна мнозинска волја на граѓаните.

Според Заев, сегашната владејачка партија и нејзиниот лидер не смеат да состават влада.

- Им порачуваме на сите партии што добија пратенички мандат од граѓаните, освен ВМРО-ДПМНЕ, да не помислуваат да ја поништат јасно изразената волја на мнозинството граѓани на Македонија, волјата за промени. Никола Груевски не смее да формира влада во Република Македонија. Ако Груевски не ја формира, се знае кој ќе ја формира владата, рече Заев.

 
 
13.12.2016 - 15:40

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега