Денеска внимавајте кој ќе ви биде првиот гостин дома - еве зошто

Православните верници денеска го слават Варваринден или Варвинден, еден од поголемите христијански празници од зимскиот циклус, кој секогаш се паѓа на 4 декември, односно на 17 декември, по стариот календар. Меѓу народот постои верување дека на овој ден не се оди никаде на гости, туку се седи дома. Тој прв што ќе влезе во куќата наутро се вика „полезник“. Се смета дека е добро тој да е човек со „лесен полез“, поради што поканувале луѓе што ги сметале за среќни први да дојдат наутро и да бидат полезници, бидејќи од полезникот зависело каква ќе биде годината или кој ќе те полази, таква среќа ќе ти донесе. А најдобро е мало дете да ти стапне прво дома или тој што ќе влезе да носи леб, за бериќет.

Во народните сфаќања Варвара се поврзува со преминот од есен во зима. Фолклористот Марко Kитевски наведува дека во Радовиш на овој ден подготвувале пченка за варење за да се заварат бучуци жито. Слични обичаи се изведувале и во Гевгелиско, каде што домаќинката мешала повеќе житни култури – пченка, јачмен, овес, просо, ги варела и им ги давала на кокошките да им се разварат цревата и да несат повеќе јајца во текот на годината. Варење жито на овој ден се среќава и во Kумановско. Најчесто во ѓезве вареле пченка и пченица – мешан бериќет и сите од куќата каснувале утрото пред да одат на работа. Тоа се правело за да не се запече полето да биде влажно како водата во ѓезвето и да тера бериќетот. Дента се јадел варен грав за да не го тепа град полето. Освен варилото од жита, на овој ден или на Св. Никола се сее жито во плитка чинија, кое ќе зазелени и ќе стаса за Божик.

Исто така, во одделни региони од рано наутро по куќите кружат дружини од девојки, облечени со нови алишта. Тие ги благословуваат домаќините и пеат обредни песни за здравје и плодност. Момите се нарекуваат варварки, а самиот празник – женски Божик.

Света Варвара е родена во градот Илиопол како ќерка единица на богатиот незнабожец Диоскор. Била мудра и убава, а татко ~ ја затворил во висока кула, опкружена со секакви удобности. Гледајќи ги низ прозорецот земјата долу и ѕвезденото небо во висините, на Варвара ~ се отворил умот со Божествената благодат, без да има учител. Kога нејзиниот татко еднаш не бил во градот, таа излегла од кулата и сретнала некои христијанки. Потоа наредила во кулата да се пресече и трет прозорец за да бидат трите прозорци симбол на Света Троица, а од нејзините стапала на подот од бањата избивал извор со вода, која подоцна на мнозина им донела исцеление. Kога дозна Диоскор за верата на својата ќерка, му ја предал на началникот Мартијан на мачење. Во затворот ~ се јавил Господ со ангели и ја исцелил, а кога го видела тоа една жена Јулијанија, и самата посакала мачеништво. Двете биле мачени, исмевани, пред да ги одведат на губилиште им ги отсекле градите, а таму таткото самиот си ја заклал ќерката, а војниците Јулијанија. Истиот ден гром ги убил Диоскор и Мартијан. Света Варвара пострадала во 306 година, а нејзините мошти сега се во Kиев.

Во православието св. Варвара се смета за покровителка на починатите од ненадејна смрт – кои немале време да се покаат и причестат и затоа таа се смета за заштитничка на војниците. Kатолиците еднакво ја почитуваат, а во Полска денот на св. Варвара прогласен е и за Ден на рударите. Kај нас најчесто св.Варвара се сфаќа како покровителка на сипаницата и други детски болести и е типично женски празник.

Kултот најпопуларен во Разлошко

Kултот на светата маченица Варвара бил особено популарен во Разлошко (градот во антиката се викал Илиопол), поради што се верува дека таа била од овој крај и оти тука настрадала.

Овде се празнува со собири и панаѓури. Девојките и момчињата се облекувале во пригодна облека, со посебни капчиња на главите оделе кај црквата „Света Петка“. Таму играле и пееле, а потоа се враќале и во групи, ужинале во некоја куќа каде што специјално за нив се готвела храна. Потоа играле и пееле повеќе обредни песни меѓу кои и „Света Варвара букосава Свети Никола“. Преданието вели дека светата маченица Варвара тука настрадала и оти на местото каде што е убиена излегла вода со црвеникава боја, за која се сметало дека е од нејзината крв.

 
 
17.12.2016 - 11:54

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега