ВМРО-ДПМНЕ: Изјавите на Павлопулос се навредувачки

Во отсуство на реакција на опозицијата и државните институции, ВМРО-ДПМНЕ најостро ја осудува изјавата на грчкиот претседател, поврзана со името на нашата држава. Однесувањето на претседателот на Грција и давањето иритирачки, навредувачки и потценувачки пораки до македонскиот народ и држава очигледно е смислена стратегија за зголемување на конфликтноста помеѓу двете земји, и наместо решавање на спорот, негово усложнување, со измислување наводна опасност дека името го гледаат како закана по нивните граници.

Во продолжение интегрален текст на ВМРО-ДПМНЕ.

 

Изјавите кои наликуваат на истите во раните деведесети години од минатиот век нема да не однесат кон решение на проблемот, туку ќе не вратат токму таму, во 1991 година. Ваквите изјави ги анулираат напорите на Република Македонија за спроведување на мерки на доверба меѓу двете земји. Тие се без никаква смисла во услови кога најмалку еднаш месечно грчкиот претседател јавно ни кажува дека ако не се откажеме од името Македонија, никогаш нема да станеме членка на ЕУ и НАТО. Со оглед дека никој ниту во Грција ниту во ЕУ и НАТО не реагира на овие изјави, граѓаните на Македонија ги примаат изјавите како заеднички.

Тоа сигурно не оди во правец дека наскоро ако го донесеме овој или оној закон, мерка или реформа има дури и најмали изгледи да започнеме преговори со ЕУ и да добиеме покана за НАТО.

Во една ваква ситуација, каде што Грција соопштува дека нема да дозволат да се користи името Македонија од наша страна како услов за НАТО и ЕУ, го прашуваме СДСМ како планира да за 6 месеци или 1 година да почнеме преговори за членство во ЕУ, став кој тие јавно го промовираа. Дали планираат име во кое нема да се содржи зборот Македонија? Ако не го планираат тоа, тогаш нека соопштат како планираат за 6 до 12 месеци да почнеме преговори со ЕУ.

 
 
13.01.2017 - 17:03

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега