Вајгл бара нова иницијатива за решавање на спорот со името за влез на Македонија во ЕУ

Известувачот за Република Македонија во Европскиот парламент, Иво Вајгл, ја претстави Предлог-резолуцијата за Македонија во однос на прогрес-извештајот за 2016 година на Европската комисија, по која пред крајот на овој месец првпат ќе се дискутира на Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) на Европарламентот во Брисел.

Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, за првпат во оваа Резолуција, Вајгл, освен што во име на ЕП за Македонија по осми пат предлага отворање на преговорите за членство на земјата во Европската унија, како новина дава предлог за највисоките политички структури и институции на ЕУ да развијат „нови иницијативи“ заедно со посредникот на Обединетите нации за преговорите за името, Метју Нимиц, со што ќе се стави крај на долготрајниот спор меѓу Македонија и Грција.

На почетокот на Предлог-резолуцијата изготвена од европратеникот Вајгл, најпрво се повторува дека таа ги зема предвид заклучоците на Европскиот совет од Солунскиот Самит во 2003 година и ветувањето дека иднината на сите земји од Западен Балкан е во Европската унија. Исто така, се зема предвид Договорот за стабилизација и асоцијација меѓу Македонија и ЕУ, Охридскиот рамковен договор, доделениот статус на „земја-кандидат за членство во ЕУ“ во 2005 година, Договорот од Пржино, Итните реформски приоритети за земјата доделени од Европската комисија и прогрес-извештајот на ЕК од 9 ноември минатата година.

Во неа се нотира и Декларацијата на Париската конференција за Западниот Балкан од 4 јули 2016 година, извештајот на ОБСЕ/ОДИХР за успешно спроведените предвремени парламентарни избори на 11 декември 2016, Резолуциите 817 и 845 на Обединетите нации за Македонија од 1993 година и пресудата на Меѓународниот суд на правдата за прекршување на Времената спогодба од страна на Грција кон Македонија.

Со оглед на тоа што предвремените парламентарни избори што се одржаа во Македонија имале многу висок одѕив на гласачите, на почетокот на Предлог-резолуцијата за Македонија се посочува и дека „реформите и подготовките за пристапување кон ЕУ се попречени од страна на политичката поларизација“. Исто така, се забележува назадување во важни области, односно дека е потребна посветеност на клучни прашања во процесот на реформи како што се реформи во судството, јавната администрација и медиумите, невработеноста кај младите и преглед на Охридскиот рамковен договор.

Известувачот Вајгл, во својата драфт-верзија на Резолуцијата на Европскиот парламент за Македонија посочува дека има потреба од „сериозна посветеност од страна на сите политички сили за земјата да се врати на својот пат кон интеграцијата во ЕУ“. Тој препорачува и дека „новата влада треба да усвои и спроведе робустни реформи“.

- Преговорите за членство треба да се отворат по исполнување на условите за тоа, посебно што земјата се смета за многу години како една од најнапредните држави во однос на усогласувањето со европското законодавство. Билатералните спорови треба да бидат соодветно опфатени во согласност со стандардите на ЕУ и на Обединетите нации и не треба да претставуваат пречка за почетокот на пристапните преговори, децидно се наведува во Предлог-резолуцијата на ЕП за Македонија.

Конкретно, во предлогот на Вајгл се поздравува „почитувањето на фундаменталните слободи, прикажано на изборите на 11 декември 2016 година“. Исто така, се повикуваат сите политички партии да ги прифатат резултатите од изборите во интерес на домашната стабилност и се нагласува нивната одговорност да се осигура дека нема повеќе да има назадување во политичката криза“.

- Европарламентот повикува на брзо формирање на новата влада со цел да се искористи мандатот за да се продолжи со потребните реформи и смета дека е од суштинско значење меѓупартиската соработка за решавање на домашните предизвици и на предизвиците поврзани со ЕУ. ЕП заклучува дека изборниот процес е подобрен, вклучувајќи ги и законските рамки, избирачките списоци и медиумската средина, се вели во предлог-Резолуцијата.

Исто така, притоа се изразува надеж дека наводните неправилности и недостатоци, вклучително и заплашување на гласачите, купување гласови, злоупотреба на јавни средства, исто така, ќе се решаваат ефективно од страна на надлежните органи во поглед на локалните избори во мај 2017 година. ЕП ја нагласува и потребата за деполитизација на изборната администрација со цел да се зголеми довербата на јавноста во идните избори.

- Европскиот парламент очекува новата влада, во соработка со другите партии, да ги забрза реформите поврзани со ЕУ и ја повторува својата поддршка за отворање на преговорите за членство, условена со напредокот на спроведувањето на Договорот од Пржино и Итните реформски приоритети ипродолжува да биде убеден дека преговорите може да генерираат и повеќе од потребни реформи и позитивно да влијае врз решавањето на билатералните спорови, се предлага во предлогот за Резолуција на Европарламентот.

Известувачот за Македонија во Европскиот парламент, во драфт-Резолуцијата повикува на политичка волја за целосно спроведување на Итните реформски приоритети и договорот од Пржино. ЕП ја повикува и Европската комисија, во првата можна прилика, но пред крајот на 2017 година, да го оцени напредокот на земјата за имплементација и да поднесе извештај до Европарламентот. А, додека се отпочне со реализацијата со реформите, ЕП го поддржува продолжувањето на Пристапниот дијалог на високо ниво (ХЛАД) за систематско помагање на земјата во овој потфат. Исто така, предлог-Резолуцијата предупредува дека „потенцијалните негативни последици од понатамошното одложување на процесот на пристапување на земјата кон Европската унија“.

Европскиот парламент во драфт-верзијата на Резолуцијата ги повикува и сите партии да покажат политичка волја за надминување на поделбите во политичкото опкружување и повторно да се ангажираат во дијалог. Исто така, се нагласува повторно клучната улога на Собранието во демократскиот развој на земјата и како форум за политички дијалог и застапување.

Во оваа верзија на Резолуциајта подготвена од известувачот Иво Вајгл, се повикуваат надзорните функции да се зајакнат и да се овозможи непречено функционирање на парламентарните комисии за следење на комуникациите и Комисијата за безбедност и контраразузнавање. Се бара нивен непречен пристап до потребните податоци и сведоштва со цел да се обезбеди веродостојна парламентарната контрола врз релевантните служби.

- Се забележува одреден напредок во реформата на јавната администрација, вклучувајќи чекори за спроведување на новата законска рамка за управување со човечките ресурси. Но, Европарламентот останува загрижен за политизација на јавната администрација и тоа што државните службеници се предмет на политички притисок. ЕП бара од новата влада подобрување на професионализмот, неутралност и независност на сите нивоа и ја нагласува потребата да се заврши стратегијата за реформа на јавната администрација „2017-2022“, со овозможување на доволно буџетски средства за нејзина реализација, како и да се зајакнат релевантните административни капацитети, - се вели во Предлог-резолуцијата за Македонија.

Во однос на судството, предлогот на Вајгл е Европскиот парламент да изрази жалење за назадување во реформите, го осудува повторливото политичко мешање во неговата работа, вклучително и во назначувањето и унапредувањето на судиите и обвинителите, како и случаите на селективна правда. Се бара политичка волја за напредок во судските реформи, вклучувајќи преку подобрување на транспарентноста на процедурите за назначување и унапредување и со намалување на должината на судските постапки.

Исто така, се повикуваат властите да обезбедат професионалност на Судскиот совет.

Во однос на Специјалното обвинителство, Словенецот Вајгл предлага во Резолуцијата за Македонија да се забележи дека „истото покрена први кривични обвиненија во врска со малверзации кои произлегуваат од прислушувањето“, но и дека „ЕП е загрижен за нападите и опструкцијата против работата на обвинителството и недостатокот на соработка од други институции“. ЕП, наводно смета дека е од суштинско значење за демократскиот процес за да се овозможи канцеларијата на Специјалното обвинителство да спроведе темелна истрага во целосна автономија.

Предлог-Резолуцијата содржи и препорака дека Европскиот парламент е и понатаму загрижен дека борбата против корупцијата се поткопува од политичко мешање и ја нагласува потребата да се зајакне независноста на полицијата, обвинителството и на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК). Притоа, Вајгл препорачува ЕП да повика на подобрување на транспарентноста во изборот и именувањето на членовите на ДКСК и да се направат напори за да се обезбеди ефикасно спречување и казнување на судирот на интереси и да се воспостави веродостојна евиденција за следење на корупцијата на високо ниво.

- Европарламентот го поздравува фактот што законската рамка и стратегиите за борба против организираниот криминал се во сила и поттикнува понатамошно унапредување на соработката меѓу органите за спроведување на законот и зајакнување на надлежностите и ресурсите на судовите. ЕП смета дека е важно и понатаму да се развие капацитет за спроведување на законот, да се испита финансискиот криминал и конфискација на средства, се вели во Предлог-резолуцијата за Македонија.

Известувачот Иво Вајгл предлага и ЕП да усвои Резолуција во која ќе забележи дека „се ценат напорите во борбата против исламскиот радикализам на Република Македонија“. Во тој поглед ќе се поздрави усвојувањето на Стратегијата „2013-2019“ за борба против тероризмот, која исто така ги дефинира концептите на насилниот екстремизам, радикализам, превенција и реинтеграција и повикува на поголема соработка меѓу безбедносните и граѓанските организации со локалните заедници, како и понатамошни разговори за континуирано следење на вратените странски борци од страна на безбедносните служби.

Но, Вајгл предлага Европскиот парламент да покаже загриженост „за радикалните и неоправдани јавни напади на граѓанските организации и странските претставници од страна на политичарите и медиумите“. Во однос на ова, се забележува „ограничена улога на владата и посветеност и недоволната соработка со граѓанските организации на сите нивоа“. Па, така, со Предлог-резолуцијата се повикуваат надлежните органи да ги вклучат граѓанските организации во креирањето политика на редовен и структуриран начин.

Предлог-Резолуцијата на словенечкиот европратеник го поздравува усвојувањето на „Националната стратегија за еднаквост и недискриминација 2016-2020“, но пројавува загриженост за непристрасноста и независноста на Комисијата за заштита од дискриминација и ја повторува својата осуда на говорот на омраза против дискриминираните групи. ЕП е загрижен и од нетолеранцијата кон лезбејките, геј, бисексуалците, трансродните лица и интерсексуалците (ЛГБТИ) луѓе и го повторува своето барање за Анти-дискриминацискиот закон да се усогласи со европското законодавство во однос на дискриминацијата врз основа на сексуална ориентација.

Исто така, се нагласува повторно потребата за борба против дискриминацијата на Ромите и олеснување на нивната интеграција и нивниот пристап до системот за образование и пазарот на труд. А, се истакнува загриженост и за нехуманите физички услови во затворите и покрај значително зголемување на буџетот на затворите.

Иво Вајгл предлага Европскиот парламент да изрази загриженост „за недостатокот на имплементација на Законот за еднакви можности и ограничена ефикасност на институционалните механизми за унапредување на родовата еднаквост“, па и да ги повика надлежните органи во Македонија да се овозможат доволно буџетски средства за негова имплементација и да се подобрат услугите за поддршка на жртвите на семејното насилство.

Во однос на меѓуетничката состојба, Предлог-резолуцијата на Иво Вајгл вели дека истата „останува слаба“, па ги повикува сите политички партии и невладините организации за активно промовирање на инклузивно и толерантно мултиетничко и мултиконфесионално општество и да се зајакне соживотот и дијалогор.

- Европскиот парламент ги потсетува владините и партиските лидери на своите заложби за целосно спроведување на Охридскиот рамковен договор и да се заврши прегледот, вклучувајќи ги и политичките препораки, предлага Вајгл за Македонија.

Исто така, во предлог-Резолуцијата се изразува загриженост во врска со слободата на изразување и медиумите, употребата на говор на омраза, политичко влијание и притисок, вклучително и преку владините реклами, иако истите повеќе од година ипол ги нема во македонските медиуми. Но, европратеникот Вајгл предлага да се повика Владата да осигура дека застрашување или насилство врз новинарите нема да има и истрага што одговорните за таков чин ќе ги донесе пред лицето на правдата.

ЕП останува загрижен и дека политичката ситуација претставува сериозен ризик за македонската економија, како и за големината на неформалната економија и потешкотиите во добивање на пристап до финансиите, па нагласува дека „значителната сива економија е голема пречка во бизнисот“, а се повикуваат надлежните органи да се осврнат и на судската ефикасност.

Исто така, со Предлог-резолуцијата, Европскиот парламент го поздравува одржувањето на макроекономската стабилност во Македонија, но е загрижен дека невработеноста останува висока со многу мало учество на пазарот на трудот, особено кај младите и жените. Па, така, се повикуваат надлежните органи да се справат со долгорочната и структурна невработеност, за унапредување на соработката во економската политика, за подобро усогласување на образованието со потребите на пазарот на трудот и да се развие насочена стратегија за тоа како подобро да се интегрираат младите луѓе и жените на пазарот на трудот. Европарламентот е загрижен и за одливот на високо образовани млади професионалци и силно ја повикува Владата да се посвети особено внимание на подобрување на перспективите на младите.

Известувачот Иво Вајгл во предлог-Резолуцијата посочува „значителни слабости во областа на животната средина, особено во областа на загадувањето на воздухот и водата“. Во тој поглед се повикува на сеопфатна политика и стратегија за климатска акција во согласност со рамката на ЕУ „2030“.

ЕП ги повикува властите да ги зајакнат административните и финансиски капацитети со цел да се користат и спроведуваат фондовите на ЕУ на вистински начин и навремено, но, се забележува со загриженост дека Еврокомисијата повторно ја намалила финансиската помош од Инструментот за предпристапна помош (ИПА) за околу 27 милиони евра.

- Европскиот парламент ја пофалува земјата за конструктивната соработка во решавањето на миграциската криза и препорачува понатамошни активности за да се обезбедат капацитетите за борба против трговија со луѓе и криумчарењето на мигранти. ЕП ја поздравува и продолжената конструктивна улога на Македонија во регионалната и меѓународната соработка и го поздравува зголеменото усогласување со надворешната политика на ЕУ од 73 проценти. ЕП ја повторува важноста од финализирање на преговорите за билатерален договор со Бугарија и ги поздравува видливите резултати од мерките за градење доверба со Грција, се вели пред крајот во предлог-Резолуцијата на ЕП за Македонија.

Исто така, во овој драфт на Иво Вајгл силно се покануваат високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Федерика Могерини, како и Европската комисија, „да развијат нови иницијативи за надминување на преостанатите разлики меѓу Македонија и Грција“ и во соработка со двете земји да работи и специјалниот претставник на ООН, Метју Нимиц, со цел изнаоѓање заемно прифатливо решение на прашањето за името.

- За овој предлог посебно се повикува претседателот на Европскиот парламент, Антонио Тајани, да ја достави оваа резолуција до Европскиот совет, до Могерини и до Еврокомисијата, владите и парламентите на земјите-членки на ЕУ и до Владата и Собранието на Република Македонија, се заклучува во Предлог-резолуцијата за македонската држава.

Инаку, известувачот Вајгл првпат ќе ја претстави драфт-резолуцијата за Македонија пред своите колеги на 30-ти овој месец. Крајниот рок за поднесување на амандмани е 7 феваруари во 18:00 часот, при што се очекува за Македонија повторно да има голем број поднесени амандмани од стандардното бугарско-грчко крило на европратеници.

Второто разгледување на драфт-Резолуцијата за македонската држава пред Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) е планирано да се одржи на 27 февруари, а ден подоцна и за истата да се гласа на АФЕТ-комисијата.

Главната дебата и гласање за Резолуцијата на Европарламентот за Македонија е планирано да се одржи на пленарна седница на законодавниот дом на Европската унија што на 14 и 15 март ќе се одржи во Стразбур.

Инаку, Резолуциите на ЕП за земјите-кандидати за членство во ЕУ се однесуваат на прогрес-извештајот што Европската комисија го издава секоја година, но она што ќе го донесе како заклучок Европскот парламент нема никаква правна тежина и истото е само советодавно. Исто како и Еврокомисијата и ЕП досега осумпати по ред даваше позитивни препораки за стартување на пристапните преговори на Македонија со Европската унија. 

 
 
23.01.2017 - 13:06

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега