Истекува рокот - ДУИ денеска мора да објави со кого ќе коалицира

Р

окот за составување на нова влада истекува денеска на полноќ откако на 9 овој месец претседателот Ѓорге Иванов му го довери мандатот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, односно на партијата која на предвремените парламентарни избори освои најмногу гласови.

Демократската унија за интеграција се очекува денеска да донесе конечна одлука дали ќе партиципира во извршната власт. Претседателството на партијата до доцна синоќа на седница во Мала Речица ги разгледуваше сите пет опции - коалиција со ВМРО ДПМНЕ, со СДСМ или широка коалиција, да се оди во опозиција или на нови избори.

Портпаролот на ДУИ, Бујар Османи доцна синоќа најави дека седницата на Претседателството ќе продолжи денеска.

- Се уште не се исцрпени сите аргументи по однос на опциите коишто ги има ставено ДУИ на маса. Консултациите продолжуваат. Полека сите аргументи се сведуваат на утврдувањето на платформата на ДУИ и условите коишто се поставени така што ќе очекуваме реакција од политичките партии на тие услови што ДУИ ги има поставено. Платформата на ДУИ е инкорпорирана во сеалбанската декларација, изјави Османи.

Куса изјава даде и лидерот на ДУИ, Али Ахмети кој истакна дека се анализираат сите опции со цел да се донесе најдобрата одлука во корист на Албанците и на сите граѓани на Македонија.

- Немам одговор со кого ќе бидеме во коалиција. Ги анализираме сите опции за најдобрата одлука во корист на Албанците и за сите граѓани на Македонија без разлика дали се Албанци, Македонци, Срби, Роми или Власи. Дискутираме за сите опции, истакна Ахмети

 
 
29.01.2017 - 10:49

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа