Македонски археолог тврди: Загубениот град Јустинијана е под Старата скопска чаршија

Археологот Kиро Ристов, кустос-советник во Музејот на град Скопје, за „Дневник“ вели дека загубениот град Јустинијана Прима веројатно се наоѓа под Старата скопска чаршија.

Во археолошката наука, со децении се спротивставуваат две тези за таканаречената Балканска Атлантида. Едната е дека се наоѓа на локалитетот Царичин Град, кај Лебане, Србија, втората дека е близу Скопје. 

Археологот Ристов со години ја истражувал доцноантичката населба Таурисиум, кај скопското село Таор, каде што историографот Прокопиус запишал дека е роден големиот император на Источното Римско Царство, Јустинијан Први (482 - 565).

- Родното место на Јустинијан не е Јустинијана Прима, туку Тауресиум. Од Прокопиус знаеме дека тој ја направил Јустинијана Прима во близина на своето родно место. Според неговите кажувања, знаеме дека градот имал големи улици, убави згради и објекти. Но, дека Царичин Град е родното место на Јустиунијан не држи вода. Цел свет знае дека е роден во Тауресиум, кој не може да биде на исто место со претпоставките за Јустинијана Прима. Тоа се два различни поима, топонима. И едниот и другиот се влезени во историските списи, првиот како негово родно место, вториот како град што му го посветил на родното место, вели Ристов за Дневник.

Ристов беше дел од екипата што неколку години интензивно го истражуваше скопското Kале. Истражувањето не донесе резултати дека таму би можела да биде Јустинијана Прима, бидејќи  таму биле пронајдени малку остатоци од доцноримскиот период. 

- Претпоставувам дека градот бил распослан под Старата скопска чаршија, од Kале до Султан Муратовата џамија и Саат-кулата. На Бит-пазар и во Чаршијата се случиле многу работи, а тој предел никогаш не бил сериозно истражен, до здрава земја, кога веќе не постојат културни слоеви. Сите археолози во извештаите не запишале дека до крај ги спровеле археолошките истражувања за да можат да увидат што има под слоевите, вели Ристов за Дневник.

Целата статија прочитајте ја на Дневник.

ФОТО: МТВ

најчитано сега