Средба Иванов-Хан: Што поскоро формирање на Влада насочена кон европската иднина

 

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска го прими комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување на Европската Унија, Јоханес Хан.

             На средбата, двајцата соговорници разменија мислења за актуелната политичка состојба во Република Македонија и можностите за што поскоро разрешување на политичката криза.

             Надминувањето на политичката криза е од клучно значење за Република Македонија да може целосно да се посвети на европските реформи и да продолжи во остварување на евроинтеграциски цели, истакна претседателот Иванов.

             На средбата беше потенцирана неопходноста од што поскоро формирање на Влада на Република Македонија, бидејќи единствено со целосно функционални институции државата ќе биде подготвена да се справува со сите предизвици.

             Во контекст на актуелната состојба, претседателот Иванов изрази незадоволство од отсуството на јавна осуда на мешањето во внатрешните работи на Република Македонија од страна на некои соседни земји.

             Еврокомесарот Хан го запозна претседателот Иванов за средбите со лидерите на политичките партии и изнесените ставови, и истакна дека новата Влада треба да биде доследна на европската перспектива и фокусирана на европската иднина на земјата.

             Претседателот Иванов уште еднаш укажа дека нестабилноста во политичкиот живот и тензичноста во меѓуетничките односи се последица на предолгата статус-кво состојба на Република Македонија и побара поактивен ангажман и поддршка од комесарот Хан.  Комесарот Хан истакна дека постои зголемена свест меѓу државите членки на ЕУ за неопходноста од деблокада на интеграциите и за таа цел е потребно формирање на Влада посветена на европските интеграции.

             Македонскиот претседател на средбата со Хан истакна дека како и досега, така и во иднина, ќе постапува во рамки на Уставот и во интерес на државата и на граѓаните на Република Македонија. Воедно, Претседателот истакна дека очекува од новата Влада да има два клучни приоритета: Прво, заштита на државните интереси на Република Македонија, што подразбира зачувување и зацврстување на унитарниот карактер на државата. Второ, системска реформа по кризата во која ќе бидат опфатени субјектите на системот за национална безбедност на Република Македонија.

 

 

 

 

 

 

 

10.02.2017 - 11:03

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега