Заев: На средбата со Ахмети надминавме одредени разлики

Претседателите на СДСМ и на ДУИ Зоран Заев и Али Ахмети вечерва во Мала Речица имаа средба во рамки на преговорите за обезбедување потписи за добивање мандат и формирање влада. 

- Надминавме одредени разлики на лидерско ниво. Желбата и на ДУИ и на СДСМ е да добиеме уставни решенија во законот за употреба на јазиците. Тоа значи дека не треба да си дозволиме ништо надвор од Уставот за сето друго што уставно да падне во вода. На крајот дури ако останат одредени отворени прашања не завршува денот на преговорите сега. Можеме за шест месеци да оставиме тие да се истолкуваат, да отвориме јавна дебата која ќе дефинира дека нештото е уставно и може да се прифати, рече по средбата Заев.

Потенцира дека двете страни во преговорите се држат до Уставот.

- Апсолутно исправен пред потребата да ги добијам потписите, јас сум тој што ги чека потписите, со целиот ризик и да не ги добијам, Уставот на Република Македонија нема да се менува, рече Заев.

Додаде дека уште вечерва ќе ја свика работната група и ќе и ги пренесе сите детали од разговорот за да може, како што рече, да седнат и да изнаоѓаат решенија.

- Македонија имаше многу трпение сите овие денови. Се работи за денови во прашање. На крајот одлуката ќе биде или ќе има потписи или ќе нема. Но, поприлично сме со доближени ставови да се изнајде конечно решение за тоа што се отворени прашања за кои се преговара, истакна тој.

Во врска со другите прашања за кои се разговара, Заев истакна дека се што е поврзоно со нивната платформа, која, рече произлегува од „Планот за живот во Македонија“ и платформата на албанските партии се апсолвирани прашања и затворени на уставен начин и дилемите треба да бидат отстранети.

- Се за што треба двотретинско уставно мнозинство нема причина ниту некој бара да се реализира. Но, дебатите треба да ги отвориме не треба да бегаме од прашања кои некому му претставуваат одредена грижа тежина или слично. Дебати ќе отвориме, ќе го слушнеме одговорот на граѓаните на Македонија и согласно тоа ќе ги градиме политиките во периодот кој претстои пред нас, истакна Заев.

Одговарајќи на новинарско прашање дали и за што друго освен за употребата на јазиците се разговара претседателот на СДСМ истакна дека со ДУИ имаат исти ставови во однос на ЕУ и НАТО, како и во однос на поддршката на СЈО.

Во врска со прашањето на економската еднаквост, тој истакна дека тоа е потреба на регионите во цела Македонија, не е само етничко прашање и оти на тоа така треба и да се гледа.

 

 

 

21.02.2017 - 21:33

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега