Какви чекори ќе превземе ВМРО-ДПМНЕ по формирањето на Влада меѓу СДСМ и ДУИ?

Формирањето на Влада од страна на СДСМ и ДУИ станува се поизвесно откако вчера во Мала Речица беше констатирано дека во најголем дел е испеглан законот за албанскиот јазик.
Според заложбите на ДУИ, за да биде дадена поддршка во Собранието за новата Влада, партијата на Ахмети бара прво да се изгласа новиот закон за албанскиот јазик, а потоа да им се даде доверба на новиот премиер и министрите.
Без разлика дали законот за албанскиот јазик ќе биде во согласност со Уставот или не, неговото донесување во Собранието, нема да оди лесно, бар не според она што го најави вчера лидерот на ВМРО-ДПМНЕ но и Центарот за комуникации во последното соопштение.

„Го потсетуваме и СДСМ и секој друг кој што сака да се коцка со државните и националните интереси дека во Република Македонија има и други кои мислат на тие интереси и кои што се подготвени да се борат за нив. ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата победија на изборите освојувајќи мнозинска поддршка и доверба од граѓаните на Република Македонија кои ја препознаа намерата на СДСМ за редефинирање на Македонија. Наша историска и идеолошка определба, но и мандат даден од мнозинството граѓани, е заштитата на државните и националните интереси во било која форма и во било која ситуација“, истакнува ВМРО-ДПМНЕ

Македонската политичка историја познава серија начини за блокада на законски решенија во Собранието од партија која нема апсолутно мнозинство. Го видовме тоа со Законот за бранителите, кога ДУИ беше во прашање. Нивните пратеници молчеа во комисиите, а партијата достави огромен број амандмани.
Со оглед на тоа дека капацитетот на ВМРО-ДПМНЕ е далеку поголем од оној на ДУИ, партијата може без проблем да поднесе десетици илјади амандмани и истите да брани пред комисиите. Тоа значи дека донесувањето на Законот би се пролонгирало на неодредено и најверојатно никогаш не би финиширало.

Дали од најголемата политичка партија ќе се решат на овој чекор, засега не се открива. Она што како официјален став е дека ќе се штитат националните интереси во било која форма и во било која ситуација.

Последните избори покажаа дека мнозинството Македонци решија поддршката да му ја дадат на ВМРО-ДПМНЕ. Ако се одземе бројот на етнички Албанци кои гласаа за СДСМ, значителна е разликата кога би се броеле гласовите на Македонците меѓу двете најголеми политички партии во македонскиот кампус.
Но развојот на настаните и близината на локалните избори го натераа ДУИ да оди преку оној принцип кој самите го инсталираа со што мнозинството Македонци ја загуби можноста да носи одлуки во свое име. Додека во ВМРО-ДПМНЕ избегнуваат прецизен одговор дали е можно да се очекуваат улични протести по формирањето на новата Влада, меѓу граѓаните, особено на социјалните мрежи незадоволството е се поголемо од ден на ден па не се исклучува тоа да ескалира и да се прелее на улиците.

Експертите велат дека едно е јасно а тоа е дека ВМРО-ДПМНЕ не смее и нема да седи со скрстени раце додека како што велат, се распродаваат националните интереси.  Според нив, сите опции кои и стојат на располагање на најголемата македонска партија треба да бидат искористени, а сметката на ДУИ и на СДСМ да им биде испорачана за локалните избори.

Според нив, формирањето на Влада во услови на многу тесно мнозинство не гарантира мандат на долг рок, па оттука предвидувањата се дека во периодот од летото до есента за очекување е да се организираат нови избори.

Во меѓувреме, локалните ќе бидат тест за тоа како стојат политичките партии меѓу граѓаните но и можност, за нови прегрупирања на политичката сцена, во кои, најверојатно најмногу би загубиле актуелните градоначалници на ДУИ, кои по се изгледа нема да успеат да дојдат до нов мандат, со оглед на силниот раст на популарноста на БЕСА и нарушените односи со ВМРО-ДПМНЕ.

 

 

 

23.02.2017 - 11:05

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега