Ги чека затвор: Четворица скопјани заработија кривични пријави

 

Против четиричлена група што крадела и препродавала тркала од возила во Скопје и се стекнала со противправна имотна корист од околу 100.000 денари се поднесени кривични пријави до надлежното Општо јавно обвинителство во Скопје.

Како што информира СВР Скопје, кривичните пријави се поднесени против А.А. (24), Б.Г. (29), Д.М. (30) и Ш.Б. (48) осомничени дека извршиле три „тешки кражби“ и едно кривично дело „прикривање“. Од страна на судија на претходна постапка на Б.Г. му е изречена мерка притвор во траење од осум дена, а на останатите три лица им е одредена мерка на претпазливост - одземање патна исправа и задолжително еднаш неделно јавување во суд.

Осомничените ги извршувале кривичните дела на подрачјата на Аеродром, Центар и Карпош со возило „фолксваген поло“, сопственост на А.А. Во подземните гаражи во зградите, откако ќе се увереле дека нема да бидат забележани од никого, ги демонтирале сите четири тркала на паркираните возила.

Полицијата по претходно добиени сознанија, извршила претрес во домот на А.А. при што пронашла поголема количина на комплет алуминиумски фелни со гуми, а во возилото алат и предмети со кои ги извршувале кривичните дела, при што А.А. е лишен од слобода.

Во полициската станица Центар тој во целост ги појаснил начините на кои ги извршувале кривичните дела и изјавил дека дел од украдените предмети ги продале на четвротпријавениот Ш.Б. кој поседувал нелегален вулканизерски сервис во населбата Ѓорче Петров 2.

Полицијата при претрес кај Б.Г. пронашла и одзела пиштол марка „Екол Фират Магнум“ кој е даден на вештачење на ОКТИВ при МВР на РМ, а тој е лишен од слобода.

Третопријавениот, по распишана телеграма за локален распис за лице на 3 февруари годинава, бил лишен од слобода и приведен во полициската станица Центар каде во целост ги признал кривичните дела. Во полициската станица Центар е повикан и Ш.Б. со кој е извршен разговор по што и од него се одземени дел од украдените предмети. 

 

 

 

25.02.2017 - 14:03

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега