ДУИ сака во опозиција ама и да го има МВР, Одбрана и УБК

ДУИ со неколку клучни ресори да партиципира во владата на Зоран Заев е третата опција, која може да биде ставена на маса на Централното претседателство на ДУИ, кога ќе решава како ќе се позиционира во однос на извршната власт, брифира за „Дневник“ висок партиски функционер.

Ова ќе значи дека освен двете можности - ДУИ со полн капацитет да учествува во новата влада или како опозиција да и даде поддршка на малцинската влада, Претседателството може да одлучува и за комбинација од првата и втората опција. Според функционерот, ДУИ по урнек на учеството на СДСМ во техничката или пржинската влада за спроведување на изборите, може да понуди варијанта да биде и власт и опозиција, односно во владата на Заев да учествува со неколку битни министерства како МВР, финансии, одбрана, УБK... и со тоа да има контрола на владеењето на социјалдемократите.

Во пакетот важни ресори ДУИ ја вклучува и функцијата претседател на Собранието. Kаква ќе биде одлуката на интегративците ќе се знае до крајот на неделава, за кога потпретседателката Теута Арифи најави дека се очекува да продолжи состанокот на Претседателството.

Арифи ја потврди информацијата на „Дневник“ дека состанокот на Претседателството, кој требаше да се одржи пред два дена и на кој ДУИ требаше да донесе одлука е одложен, бидејќи чекаат Заев и формално да стане мандатар, бидејќи со формализиран мандат дебатата ќе има повеќе смисла. Во очекување на одлуката на претседателот на државата, Ѓорге Иванов, дали ќе му го даде мандатот на Заев да состави влада, откако лидерот на СДСМ како доказ му приложи дека обезбедил парламентарно мнозинство и му приложи 67 пратенички потписи, функционери на ДУИ јавно ја декларираат опцијата за која навиваат и потврдуваат дека во партијата има поделеност дали да бидат владин партнер или опозиција.

 Потпретседателката Арифи за телевизијата „Алсат-М“ потврди дека местото на ДУИ треба да биде на „Илинденска“.

- Има разни мислења, но имајќи ја предвид чувствителноста на ситуацијата во земјава, ако мене лично ме прашувате, мислам дека една политичка партија како ДУИ со бројот на пратениците и моќта што ја има, треба да преземе одговорност за сериозноста на потезите, реформите, враќањето на евро-атлантските процеси. Но, претседателството на партијата е тоа што ќе донесе конечна одлука - вели Арифи.

На иста линија со Арифи се и потпретседателите Невзат Бејта и Изет Меџити, кои впрочем се директно вклучени во преговорите со СДСМ за владина коалиција. Дека и Бејта ја гледа ДУИ како владин партнер на СДСМ, индиректно потврди самиот тој. Бејта изјави дека верува оти е дојдено времето претседател на Собранието да биде Албанец.

Опцијата ДУИ да биде дел од власта ја поддржуваат актуелни и поранешни министри. Според партиски извори, речиси еднаква поддршка од членови на Претседателството има и за опцијата ДУИ да биде опозиција со поддршка на малцинска влада.

 

Таа опција е поприфатлива за пратениците, бидејќи тие не ја губат функцијата, а како опозиција се во полагодна позиција. Аргументите за ДУИ да биде опозиција се дека на тој начин ќе може да се преиспита работењето на нивните функционери, без партијата да има какво било влијание и да се тргнат сите сомнежи за корумпираност на функционерите. Таборот што преферира партијата да биде опозиција смета дека на тој начин полесно ќе се надмине поделбата во партијата, односно од ДУИ ќе заминат функционерите што заради власт биле во партијата

 

 

 

01.03.2017 - 10:01

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега