Могерини утре на средба со политичките лидери и Иванов

 
Високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на Европската унија, Федерика Могерини, утре ќе пристигне во Република Македонија во рамки на нејзината мини-турнеја на Западниот Балкан, јави дописникот на МИА од Брисел.
 
Од денеска, Могерини ја почнува својата турнеја, при што прва земја што ја посетува е Црна Гора и нејзиниот главен град Подгорица. Утре, Високата претставничка на ЕУ е во Скопје и како што се наведува во денешното соопштение на Европската комисија, во Македонија таа ќе се сретне со претседателот Ѓорге Иванов, со лидерите на политичките партии застапени во македонското Собрание, како и со студентите што партиципираат во „Еразмус“ програмата.
 
- За Европската унија, работата со земјите од Западен Балкан, регион што е во срцето на Европа, е клучен приоритет. Работам за да го видам секој од нашите апртнери на Западниот Балкан како напредува на патот на реформите кон Европската унија, за да се осигури дека овој процес е неповратен. Регионалната соработка и добрососедските односи остануваат од суштинско значење во овој контекст, истакна Федерика Могерини пред почетокот на мини-турнејата на Балканот.
 
Покрај Црна Гора, каде што е денеска и Македонија, каде ќе биде во текот на утрешнито ден, Високата претставничка на ЕУ на 3. март ќе биде во Белград, Србија, каде што ќе се сретне со претседателот Томислав Николиќ, премиерот Александар Вучиќ и други политички лидери. Подоцна истиот ден, Могерини ќе отпатува за Тирана, Република Албанија, каде што ќе се сретне со претседателот Бујар Нишани, премиерот Еди Рама и претставници на парламентарните партии. Во сабота на 4. март, Федерика Могерини ќе отпатува за Косово и во Приштина ќе се сретне со претседателот Хашим Тачи, со премиерот Иса Мустафа и други, а ќе го посети и реонот на Митровица.
 
По оваа посета на земјите од Западниот Балкан, Федерика Могерини се очекува да направи извештај за состојбата во регионот, кој потоа ќе биде разгледуван на Советот за надворешни работи на Европската унија во понеделник, а ќе биде тема и на Самитот на Европскиот совет закажан за 9. и 10. овој месец.
 

 

 

01.03.2017 - 13:07

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега