ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ можат да гласаат и за нови парламентарни избори

Роковите да се скратат на 45 дена за да се фати терминот за одржување на локалните избори во Македонија. Вакво решение се разгледува во политичките кругови откако вчера, стана јасно дека редовните рокови за одржување на гласањето не може да бидат испочитувани, бидејќи Македонија нема собраниски спикер.
Согласно Изборниот законик изборите треба да ги распише новиот собраниски Претседател, но со оглед на тоа дека се уште официјално нема формирано собраниско мнозинство, тој не е изгласан, па Македонија е во ситуација, кога нема функционер кој би можел да ја заврши неговата работа.
Во такви услови, според неофицијални информации се разгледувала опција доколку во наредните 20 дена успее да се обезбеди ново парламентарно мнозинство истото да избере Претседател на Собранието и да го измени Изборниот законик со што роковите би се скратиле на 45 дена и би се фатил терминот за избори на 14 мај.
Од партиите официјално нема ниту потврда ниту демант за овие информации.
СДСМ, ДУИ и останатите помали албански партии кои се договорија да ја реализираат платформата на Рама не излегуваат со конечен став дали без мандатот од Иванов би се обиделе да формираат Влада. Условите дополнително ги отежнуваат масовните протести и се поголемиот револт пред граѓаните за кој е извесно дека дополнително ќе порасне доколку СДСМ и ДУИ гласаат нова Влада без мандатот на Претседателот.
Од друга страна, медиумите пишуваат дека во ДУИ се во дилема, дали таквата Влада би поминала пред Уставниот суд.
Просторот од 25 дена во кој партиите може да се договорат за скратување на роковите и избегнување на дополнителна компликација на состојбите е рок во кој постои можност партиите да се договорат и за одржување на нови парламентарни избори заедно со локалните, опција која ја бара ВМРО-ДПМНЕ за да им се даде можност на граѓаните да се изјаснат за платформата на Еди Рама.
Дел од медиумите објавија дека во ДУИ сметаат дека потребно е локалните избори да се одржат час поскоро поради растот на популарноста на БЕСА и се поголемата извесност дека партијата ќе ги загуби за неа клучните општини како Тетово, Гостивар, Чаир, Сарај и Арачиново. Во такви услови, експертите не ја исклучуваат можноста интегративците да вршат притисок за одржување на локалните избори, а доколку математиките се покажат такви, да се согласат и за нови парламентарни избори. За таков епилог не им треба поддршката на СДСМ, бидејќи заедно со ВМРО-ДПМНЕ ќе имаат 61 пратеник што е доволно за распуштање на Собранието.

 

 

 

07.03.2017 - 11:42

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа