Нервози наместо релаксирање на море - уште три македонски автомобили настрадаа во Неа Врасна и Неа Потидеа

Три нови случаи на оштетувања на возила, беа пријавени од страна на македонски државјани кои престојувале во Грција и кои вчера се враќаа во земјава. Со последните три случаи, вкупниот број на вакви инциденти летово се искачи на 53 случаи.

Во текот на вчерашниот ден, на Граничниот премин „Богородица“, А.Т. од Скопје, која управувала патничко возило „Фолксваген Пасат“, со скопски регистерски ознаки, пријавила дека во туристичкото место Неа Врасна, возилото и било испишано со црвен спреј, односно и биле прикриени ознаките МК на предната и задната табличка, а биле испрскани и предното и задно лево крило, како и задниот браник. Оштетувањето го пријавила и во грчката полиција, но за тоа не и била издадена потврда.

Во вториот случај, на Граничниот премин „Богородица“, Ј.С. од Гевгелија, кој управувал патничко возило „Киа“, со гевгелиски регистерски ознаки, пријавил дека во туристичкото место Неа Потидеа му била одземена предната регистерска табличка. Оштетувањето го пријавил и во грчката полиција.

Во третиот случај, на Граничниот премин „Богородица“, С.Т. од Струмица, кој управувал патничко возило „Мерцедес“, со струмички регистерски ознаки, пријавил дека во туристичкото место Неа Потидеа му била одземена задната регистерска табличка. Оштетувањето го пријавил и во грчката полиција.

Со овие три новорегистрирани случаи во неделата, во изминатиот период од страна на нашата гранична полиција евидентирани се вкупно 53 оштетувања на возила и одземања на таблички. Од 53-те оштетувања кои ги пријавиле македонските државјани, 37 се кражби на регистарски таблички, од кои во 25 случаи се украдени обете таблички. Предничи туристичкото место Ханиоти каде што досега се евидентирани 13 кражби и Неа Пори со 6 кражби. По однос на оштетените возила бројката на вакви настани сега нарасна на 13 случаи.

Од вкупниот број случаи - 34 се пријавени од страна наши државјани и на грчката полиција, но досега МВР се уште нема добиено никаква информација од грчките колеги за случаите. 27 од македонските граѓани кои пријавиле кражба или оштетување се од Скопје, а останатите од други места во државава.