Протест на Граѓанска иницијатива „За заедничка Македонија“ во Скопје

Граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ вечерва во Скопје го одржа 12. протест на кој беа повторени пораките за унитарна Македонија, против двојазичноста и за отфрлање на „Тиранската платформа“.

- Македонци тука сме повторно да го поздравиме претседателот на Република Македонија и да му порачаме да не подлегнува на притисоците и на манипулациите, како и на обидите овој народ да се потцени, порача од пред канцеларијата на претседателот Иванов, Богдан Илиевски, член на иницијативата „За заедничка Македонија“

Тој изрази уверување дека Иванов ќе продолжи да ги брани националните интереси на земјата и нема да дозволи туѓи платформи да влезат во земјата.

Според него, прашањата опфатени во „Тиранската платформа“, а кои се државно и национално одбележје не смеат да бидат предмет на пазарање, манипулирање ниту на различни толкувања, туку за сите овие прашања потребно е да одлучуваат граѓаните. Додаде дека нема да подлегнат на ниту една манипулација или обид на мала врата да се протнат работите кои албанските партии ги договориле во Тирана, а Зоран Заев ги прифатил.

- Нема да помине ниту еден обид за измама на македонските граѓани. Да градиме мултиетничка, а не бинационална држава, категоричен е Илиевски и  побара недвосмислено отфрлање на платформата направена во Тирана.

Пред присутните се обрати и поетесата Виолета Сековска која порача дека името и јазикот се идентитетот на нацијата кои мора да бидат сочувани.

- Македонија е земја во која живеат сите Македонци и ние не бараме ништо туѓо, никој нема морално право на еден народ да му го одземе јазикот и идентитетот, ниту јазикот ни го подариле па сега да го вратиме, ниту името сме го добиле на референдум па сега да гласаме за него...Зарем ќе дозволиме некој од надвор да ни решава за јазикот и да ни посакува смрт пред време, затоа што без јазикот ние сме живи погребани. Јазикот е клучот на нашето срце, го губиме клучот, го губиме и јазикот, земја и држава не се освојува само со мечеви, туку и со јазици, порача Сековска вечерва пред Собранието на Република Македонија.

На протестот во Скопје се обрати и Лупчо Аризанов, претседател на регионалниот Сојуз на Лозари, Агротиквешија од Кавадарци, кој порача да престаната поделбите.

- Мислам дека е крајно време Македонецот да застане и здраво да каже дека е „доста“ на поделбите, порача Аризанов.

Тој им порача на Албанците да не го прават тоа што не сакаат да им го прават на нив и порача дека соживотот меѓу граѓаните треба да продолжи и натаму, но без странски платформи.

Од Граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ најавија дека продолжуваат со протестите се до целосно исполнување на нивните барања. Протести за поддршка на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ вечерва се одржаа и во 25 други градови низ Македонија. 

 

 

 

10.03.2017 - 19:44

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега