Македонската заедница во Холандија: Содржината на Тиранската платформа го поткопува унитарниот карактер на Македонија

Соопштение од Македонската заедница во Холандија до јавните гласила во Македонија во поддршка на претседателот Иванов и граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“.

-Ние, Македонците од Кралството Холандија обединети во Македонската заедница од Холандија (МЗХ) испраќаме безрезервна поддршка до највисоката институција претседателот Ѓорге Иванов за унитарност на државата Македонија, и воедно се придружуваме на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ која во моментот има масовна поддршка од мнозинството граѓани во републиката.

Унитарноста на Македонија е единствена правилна форма (како и во сите останати држави) која ги гарантира правата на сите малцинства кои живеат во Македонија и употребата на малцинските јазици според сите меѓународни стандарди се уредени/исцрпени со Охридскиот рамковен договор од 13. август 2001 година, правејќи го притоа албанскиот јазик дури и беспотребно привилегиран.

Македонците од Холандија со индигнација ја отфрлаат Тиранската (албанска) платформа која предизвика дополнителни тензии на политичката сцена во Македонија и ја повикуваат Европската унија и амбасадорите на земјите членки на Унијата да ја осудат оваа платформа како провокација и грубо мешање на Албанија во внатрешните работи на Македонија.
Европската унија да не ја занемарува пресудата на Меѓународниот суд на правдата од 5. декември 2011 година и да не вршат континуирани притисоци врз Македонија за промена на уставното и историско име Македонија кое сама го избрала.

Европската унија и претставниците на истата во Македонија да поддржат процес за спроведување на попис во Македонија со цел да се утврди точниот број/процентот на граѓаните/малцинствата и добивање на појасна слика за правата и обврските на земјата спрема малцинствата, враќање на вербата и почитувањето на човековите права, инвестирање и интеграција во унитарното општество и помирување, како клуч за стабилност во регионот на југо-источна Европа.

Содржината на Тиранската платформа го поткопува унитарниот карактер на државата Македонија, има единствено неаргументирана провокативна цел и остава простор за анархија во меѓународните односи. Според дел од неа, тврдењата за геноцид врз Албанците на Балканот претставува бесмисленост кој го турка регионот во дополнителни меѓуетнички тензии и конфликти.

Македонската заедница во Холандија ја повикува Македонската академија за наука и уметност (МАНУ) како и Синодот на Македонската православна црква-Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) да се придружат и излезат во поддршка на иницијативата „За заедничка и унитарна Македонија“, стои во соопштението.

 

 

 

 

10.03.2017 - 20:20

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега