СДСМ бара да се повлечат законите за медиуми

Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија бара да се повлечат Законот за медиуми и Законот за аудио-визуелни медиумски услуги, со цел заштита на новинарите и на слободата на изразување како темел на една слободна држава.

СДСМ се обврзува дека веднаш по промената на власта ќе го поништи вака предложениот Закон за медиуми, доколку власта во сегашната форма го усвои.

 

И по неколкуте јавни расправи, евидентно е дека Владата остана глува на барањата на медиумските здруженија, организации, експерти, граѓани и меѓународни институцуии.

Со игнорирањето на суштинските забелешки, стана јасно дека власта нема намера да се занимава со вистинските проблеми во медиумскиот простор, туку дополнително да ги создава, како и до сега. Ваквата содржина на Законите кои ја регулираат медиумската сфера создава можности за ограничување на слободата на говорот и дополнително ѝ отвора врата на власта за контрола над печатените медиуми и порталите, односно замолчување на критички настроените медиуми.

 

Поднесувањето амандмански предлози до Собранието на РМ од страна на Владата за нацрт-текстовите за двата закони е флагрантно кршење на Уставот и на Деловникот на Собранието. Согласно член 150 од Деловникот, Владата НЕ МОЖЕ да поднесува амандмани!

 

Дополнително, СДСМ изразува незадоволство што власта ги негира синдикатите, ги оспорува новинарските организации и се обидува да креира свои. Новинарите се тие кои одбираат кој ќе ги претставува и тука власта не смее да се меша.

(Интегрален текст од соопштение од СДСМ)