Влезот на инвестиции го раздвижи македонскиот пазар - растат платите
Влезот на странски директни инвестиции во Македонија го раздвижи пазарот на труд во Македонија. Компаниите бараат кадар, се намалува бројот на невработени. Стапката се спушти на историски најниски 23,1%, што покажува дека политиките се правилно димензионирани, а активните мерки и СДИ даваат резултати, пишува Лидер.
Поради странските инвеститори се зголеми конкуренција, се подигна и цената на трудот. Последните податоци на Советот на странски инвеститори покажаа дека 40 компании имаат потреба од 2 илјади работници, но тешко можат да најдат кадар со соодветните вештини и квалификации. Дополнителен предизвик се одговорите во анкетата кои покажуваат дека во идниве три години, овие компании се очекува да отворат уште 5 илјади работни места.
„Не е тајна дека платата зависи од побарувачката. Ако работникот има средно стручно образование и има соодветна квалификација ќе има и повисока плата од оној со несоодветно образование. Тоа е добра инвестиција“ – објасни првиот човек на Советот, Штефан Петер.
Тој отворено порача дека не можат сите во земјава да бидат на менаџерски позиции, потребни се работници, што подразбира и промени во образованието. Една од клучните пораки на Светска банка во последниот извештај беше таа дека во земјава се потребни структурни реформи за да се намали невработеноста.
„Ризици за долгорочниот раст се намалената продуктивност, односно ефикасност при искористување на физичкиот и на човечкиот капитал, стареењето на населението, намалувањето на активното население, особено на младото население и намалување на човечкиот капитал, со притисоци како од квантитетот, така и од квалитетот“ – објасни Бојан Шимбов од Светска банка.
Економистите советуваат дека е потребно континуирано да се вложува во младите, внимателно да се димензионира образовниот модел за да одговара на потребите на пазарот.
„Подобар образовен систем и подобри ученици значат поголем потенцијал за економски развој“ – објаснуваат од Институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“.
Расте просечната плата во Македонија
Последните податоци на Државниот завод за статистика за јануари покажаа дека просечната нето – плата во земјава изнесува 22 илјади и 750 денари, за 2,2% повисока од истиот период минатата година. Најголем раст е регистриран во трудоинтензивните дејности.
„Причина за ова е немањето нов кадар за овие дејности. Платите ќе одат нагоре, бидејќи сè помалку има млади кои сакаат да работат во трудоинтензивните дејности. Тоа ќе биде важно и за спречување на одливот на кадар во странство“ – вели првиот човек на Организацијата на работодавачи на Македонија, Ангел Димитров.
Највисоките плати се делат во воздухопловниот транспорт, но програмерите се наметнуваат како најбарана работна сила на пазарот на труд, што резултира со драматичен раст на платите, во просек и до 50 илјади денари.
„Се работи за сектор во кој не е најважна цената, односно не се конкурира преку цената, туку главен водител е квалитетот. Во таков случај мора да дојде до пораст на платите и на оние кои се веќе вработени“ – објаснува универзитетската професорка Никица Мојсовска – Блажевски.
Влегуваат нови странски инвестиции
И покрај политичката криза, странските инвеститори не се откажуваат од вложувањата во земјава. Неделава со работа во погоните на Охис ќе почне американска компанија од медицинската индустрија. Првично се предвидени 50 вработувања, за потоа да се стигне до 200. Германската компанија „Франц Кил“ донесе одлука да инвестира во Желино, а се очекува да отвори 350 работни места. И американската компанија „Адиент“ (поранешен „Џонсон Контролс“) се подготвува за почеток со работа во новиот објект во слободната економска зона во Струмица, со што бројот на вработени од сегашните 750 работници треба да се искачи на 1.500. Во исто време, градежни активности на нови погони има во зоната во Бунарџик.
„Сè уште има заинтересирани компании кои доаѓаат да инвестираат во земјава, но ќе беше многу подобро и ќе имаше многу повеќе компании и нови работни места доколку оваа политичка криза ја немаше или завршеше со изборите како што сите посакувавме“ – вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.
Во следниот период треба да се реализираат уште неколку странски инвестиции, а компаниите кои веќе вложија и работат во земјава треба да го достигнат својот полн капацитет, што значи дека ќе се создаде дополнителен притисок на пазарот на труд.
„Инвестирањето на странските компании многу влијае за намалување на невработеноста, а со намалувањето на невработеноста доаѓа зголемувањето на платите“ – вели првиот човек на слободните економски зони, Виктор Мизо.
Економски раст базиран на приватниот сектор
Политичката криза го гризе економскиот раст на Македонија и е главна кочница за целосно искористување на потенцијалот на домашното стопанство.
„Домашните неекономски фактори поврзани со политичките случувања во земјата и понатаму се актуелни и дополнително ја зголемуваат неизвесноста околу оцените за економската активност во првиот квартал“ – соопшти Народната банка.
Во исто време, Светска банка излезе со совет до Македонија. Време е да се потпреме повеќе на приватниот сектор.
„На среден рок мора да почне да се преминува кон модел со поголем нагласок на инвестициите, а помал нагласок на тековните трошења и моделот на раст да се промени и повеќе да се потпира на инвестиции водени од приватниот сектор и растот да оди нагоре“ – објасни Елен Голдстин од Светска банка.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа