Различни прогнози за цената на становите

 

Македонските градежни компании забрзано ѕидаат нови згради.Само во март се издадени 384 одобренија за градба, што е за 95,9% повеќе во однос на истиот месец од претходната година, пишува Лидер.

Се склучиле и поголеми зделки. Предвидената вредност на објектите за 139,1% повисока од она што било одобрено во истиот месец лани. 232 од издадените одобренија за градба или 60,4% се за висоградба, 63 или 16,4% се одобренија за објекти од нискоградба и 89 или 23,2% претставуваат зелено светло за реконструкција.

Со издадените одобренија за градба во март се предвидени929 станови со вкупна корисна површина од 75.886 квадратни метри. Ова значи дека се зголемува понудата, но и оти менаџерите во овој бизнис не отстапуваат од проекциите за раст на побарувачката.

-Во високоградбата која 99 до 100 отсто е приватна инвестиција, исклучиво пазарот ги диктира условите. Ако има непродадени станови, пазарната логика на сите бизнисмени е дека нема да се гради повеќе. Последниот податок покажува огромен број одобренија за градба издадени последниве денови и квартално, затоа инвеститорите продолжуваат да градат, објаснува бизнисменот Зоран Азманов.

Сепак, податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека поевтинувањето веќе се случува. Просечната цена за квадратен метар станбена површина во 2016 изнесувала 43.091 денари, односно за 6,5% пониска во однос на претходната година. Просекот во Скопје, пак, е 50.829 денари или за 3,9% пониска цена во однос на 2015 година. Падот на цените бил поизразен во втората половина од 2016 година.

Резервираност во првиот квартал

Агенцијата за катастар на недвижности регистрираше значителен пад на пазарот во првиот квартал од годинава и голема резервираност при носењето на одлуките за купување недвижности. Бројот на трансакции изнесува 2.590, односно за 51% помалку од истиот период лани.Уште еден податок кој сугерира дека работите не се движат во посакуваниот правец е оној за јануари, кога имало само 613 трансакции, најмалку на месечно ниво откако во земјава е воведен Регистарот на цени и закупнини. Од Катастарот велат дека политичката неизвесност влијае на пазарот, но веќе се чувствува и презаситеност.

-Понудата веќе има голем број на станови. Ако ги споредиме оние што се веќе изградени (над 3.000) и оние што се градат(над 8.700), значи веќе имаме 12.000 станови кои во моментот се нудат. Од друга страна, побарувачката по таа цена што се нуди, едноставно не сака да ги купува тие станови и затоа имаме толку мал број на трансакции, смета првиот човек на Катастарот Славче Трпески.

Од Катастарот објаснуваат оти ова покажува дека цените ќе паѓаат во наредниот период, иако инвеститорите порачуваат дека на такво нешто не треба да се смета, бидејќи се гради со повисок квалитет.

-Погрешна е логиката дека цените на становите треба да паѓаат зашто секое поевтинување значи послаб квалитет.Тенденција е цената да расте зашто се вградуваат сè поквалитетни материјали, вели бизнисменот Ивица Јакимовски.

Становите се поскапени во Скопје, но пад има во Центар, каде според Катастарот, просечната цена на продаден квадрат во првите три месеци изнесувала 740 евра. Ова се објаснува со фактот што во општина Центар се продаваат постари станбени единици.

Во Аеродром се постигнала просечна цена од 841 евро, во Карпош 995 евра, во Ѓорче Петров била постигната просечна цена од 790 евра, во Кисела Вода 883 евра за квадрат. Најбарани се становите со големина од 40 до 60 квадратниметри, особено во Аеродром, а голем интерес има и за скопски Карпош.

Надвор од Скопје, најмногу трансакции во првите три месеци имало во Прилеп, најголемо поскапување е регистрирано во Битола (просекот во градот изнесува 675 евра по квадрат), стабилни се цените во Струмица, Куманово, Охрид.

Раст на извршените работи во странство

Македонските градежници се активни дома, а полека се враќаат и на странските пазари – покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Иако во првиот квартал од годинава е регистриран пад на вредноста на договорените градежни работи во странство од 14,1%, сепак, нашата оператива во првите три месеци извршила градежни работи со вредност за речиси 140% повисока од она што било сработено во истиот период лани. Македонските компании го зголемиле своето присуство во Холандија, Босна и Херцеговина и Германија.

Неизвесност поради политичката криза

Градежната комора при ССК предупредува дека овој сектор не е имун на политичката криза, бидејќи голем дел од компаниите се обесхрабрени да влезат во нови инвестиции.

-Изминатите години градежниот сектор е предводник на економскиот раст во Македонија и поради тоа можеби најподготвен се соочи со политичката криза, а се надевам и ја преброди. Засега, сите параметри покажуваат дека е стабилен, што не е гаранција дека ако кризата продолжи ќе остане така. Зголемен број на одобренија за градба, стабилен пазар на недвижности и немање осцилација во цената, тоа се се показателите дека градежништвото засега е во добра кондиција, вели првиот човек на Градежната комора при ССК, Роберт Хот.

 

 

 

17.05.2017 - 12:32

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега