Средба на Џафери со канадскиот амбасадор Пинингтон

 Претседателот на Собранието Талат Џафери, денеска имаше официјална средба со амбасадорот на Канада во Република Македонија, Филип Пинингтон.

Со оглед на фактот што претседателот на државата денеска ја исполни својата уставна обврска и го даде мандатот на носителот на парламентарното мнозинство, Џафери, стои во соопштението, истакнал дека со овој чин се отвораат процесите за формирање на новата влада и за конституирање на собраниските тела.

- Следните чекори во работата на Собранието ќе бидат токму во таа насока, како и усвојувањето на предвидените измени на Изборниот законик и Законот за локална самоуправа, во контекст на најавените локални избори наесен, рекол Џафери.

Во однос на случувањата во Собранието од 27 април, претседателот Џафери изрази верба во правдата и во институциите на системот дека секој ќе ја сноси својата одговорност за овие настани, за сите заедно да покажеме дека ова не смее да се повтори и не смее да остане неказнето.

Пинингтон, како што стои во соопштението од Собранието, истакнал дека Канада на јасен и видлив начин изразила поддршка на процесот на демократските промени во државата при транзицијата на власта.

- Ова претставуваше прв чекор за излез од политичката криза и еден од низата во важните процеси кои претстојат. Канада и натаму континуирано ќе ја поддржува Република Македонија и нејзините граѓани во демократските општествени процеси и ќе биде нејзин силен партнер на меѓународен план, посочил амбасадорот. 

Претседателот на Собранието Џафери, заблагодарувајќи се на честитката, изразил очекување дека билатералните односи меѓу Република Македонија и Канада ќе продолжат во иднина и ќе добијат во својот интензитет и квалитет.

Изразувајќи поддршка на натамошната поблиска меѓупарламентарна соработка, соговорниците се согласиле дека воспоставените пријателски односи треба да се негуваат со силна посветеност и меѓусебна доверба. 

 

 

 

17.05.2017 - 15:50

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега