Драган Тевдовски нов министер за финансии - ова е неговата биографија

Новиот министер за финансии Драган Тевдовски е вонреден професор на Економскиот факултет – Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. На додипломски студии на Економскиот факултет предава квантитативни методи во финансии и статистика за бизнис и економија, како и анализа на временски серии на постдипломски студии.

Во биографијата доставена со предлог-составот за влада е наведено дека Тевдовски во 2016 година добил награда „Најдобар научник на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во областа на општествените науки за 2015 година“, а  врз основа на анкета на студенти на порталот Fakulteti.mk е избран за еден од најинспиративните професори во Македонија.

Магистрирал на Економскиот факултет при Универзитетот во Белград во 2006 година, со просек на студиите од 10, а во 2010 година се стекнал со титула доктор по економски науки на Економскиот факултет во Скопје. Во 2013-2014 година бил на постдокторски студиски престој во истражувачкиот центар CREATES на Универзитетот во Архус, во областа на економетријата.

Коавтор е на универзитетските учебници „Статистика за бизнис и економија“ и „Вовед во анализата на временските серии“.

Има објавено 45 научни трудови и осум политички анализи. Некои од неговите трудови се објавени во престижни научни списанија: Economies of Transition, Economic Systems, Empirical Economics, Empirica, European journal of International Management, Romanian Journal for Economic Forecasting, Global Labour Journal, Croatian Economic Survey и Economic Annals. Неговите политички анали се објавени од реномирани меѓународни институти, како FES, NDL, FEPS и SOIDAR.Дополнително, пишува колумни на економски теми.

Тевдовски бил на студиски престои на Универзитетот Карлос Три во Мадрид, Универзитет Рим Три во Рим, Универзитетот Џорџ Вашингтон  во Вашингтон, Универзитетот во Стафордшир  во Сток-он-Трент и на Универзитетот Св. Кирил Охридски во Софија. Учествувал на 95 научни конференции и семинари во странство. Работел на девет меѓународни проекти.

 

 

 

01.06.2017 - 08:47

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега