Ќе се претвори ли во камп за бегалци - Организација за бегалци ќе го реконструира Специјалниот завод во Демир Капија

Улогата на Меѓународната организација за миграции е да спроведе реконструкција и реновирање на комплексот објекти во депандансот на Специјалниот завод „Демир Капија“ во селото Ергеле, велат оттаму

Организација за миграции ќе го реконструира Специјалниот завод „Демир Капија“. Ваквата информација, која пред неколку дена се појави во јавноста, предизвика загрижениот кај граѓаните во јужниот дел на Македонија знаејќи што се случуваше пред две години и илјадниците бегалци кои поминаа.

Тогаш регионите на Гевгелија и на Демир Капија беа преплавени со бегалци кои влегуваа од територијата на Грција. Поради сериозноста на состојбата, мораше да биде подигната ограда вдолж јужната граница и беа направени прифатни центри во Гевгелија и во Табановце.

Интернационалната организација за миграции  (International organization for migration) e агенција на Обединетите нации за миграција. Од подружницата во Скопје објавија дека од свои средства ќе го реконструираат Заводот, но оти не можат да потврдат која ќе биде намената бидејќи тоа било во надлежност на Министерството за труд и социјална политика.


„Во врска со информациите што од неодамна циркулираат во јавноста во однос на реконструкцијата на  Специјалниот завод 'Демир Капија', во сопственост на Министерството за труд и социјална политика, Меѓународната организација за миграции би сакала да разјасни дека реконструкцијата се однесува на подружницата на Специјалниот завод 'Демир Капија', која се наоѓа во атарот на село  Ергеле. Поради лошата состојба на депандансот, тој е повеќе години надвор од  употреба“, објаснуваат од организацијата за „Телеграф.мк“.

Од таму категорично тврдат дека тие, како Организација, нема да градат камп, туку само ќе вршат реконструкција на постоечките објекти од депандансот.

„Улогата на Меѓународната организација за миграции е да спроведе реконструкција и реновирање на комплексот на објекти во депандансот на  Специјалниот завод 'Демир Капија', во партнерство со Министерството за труд и социјална политика. Во овој контекст би сакале да појасниме дека спротивно на изнесените информации во јавноста,  Меѓународната организација за миграции нема да гради камп на споменатата локација“, се вели во одоговорот.

Од ИОМ се оградуваат и велат дека немаат надлежност за намената на реконструираните објекти.

„Улогата на ИОМ е лимитирана и исклучиво се однесува на градежните работи поврзани со реконструкцијата, додека  намената на објектот, како и управувањето со истиот е во надлежност на Владата т.е. ресорното министерство. Работењето на оваа установа, чија намена е за згрижување на лица со посебни потреби, е согласно Законот за социјална заштита. Евалуацијата на градежните понуди е во процедура и не е селектирана градежна фирма која би го спровела зафатот“, велат од организацијата за Телеграф.мк.

Од Министерството за труди и социјала допрва ќе се бараат одговори за намената на објектите кои ќе бидат реконструирани. Во тој ресор вчера седна нов министер, од кого ќе се очекува во јавноста да разјасни дали намената на некогашниот Јавен завод кај Демир Капија ќе биде за сместување мигранти, односно дали Македонија ќе се претвори во станица за евентуалниот нов миграциски бран.

Специјалниот завод, кој меѓу жителите на Демир Капија е познат како психијатриската болница, со години е во лоша состојба, нема пациенти и имаше неколку обиди тој да биде реконструиран.

Извор telegraf.mk

 

 

 

02.06.2017 - 10:51

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега