ВМРО-ДПМНЕ бара увид во содржината на договорот што треба да се потпише со Бугарија

ВМРО-ДПМНЕ денеска на прес-конференција изрази загриженост од пристапот на премиерот Зоран Заев за склучувањето на договорот со Бугарија и побара увид во содржината на договорот којашто се согласил да го потпише.

- Ова прашање задира во идентитетот и историјата на македонскиот народ и многу неодговорно е истото да се третира на ниво на секојдневна прес-конференција и без сериозна анализа и без пошироки консултации да се најави потпишување на договорот кој експерти го работеа долго време и имаше многу отворени прашања по кои двете страни не може да најдат заеднички јазик, рече Трајко Вељаноски.

Тој додаде дека ваквите теми кои задираат во идентитетот на македонскиот народ не се и не смее да бидат ексклузивен интерес ниту на Зоран Заев, ниту на СДСМ.  

- За нас е разбирливо соседна Република Бугарија да има свои интереси и нив да ги брани и застапува. Тоа што не можеме и нема да го прифатиме е Зоран Заев сам да одлучува за темите кои се од интерес, а пред граѓаните ветуваше инклузивност и дебата за многу понесуштински прашања, истакна Вељаноски.

Тој посочи дека прашањето за заедничката историја секогаш било една од најголемите пречки при постигнување на договорот со Бугарија, а, како што рече, камен на сопнување  е и прашањето за немешањето во внатрешните односи на земјите. Третото прашање, според Вељаноски, било прашањето на јазиците на кои би се потпишал договорот, а постоеле уште многу спорни прашања во договорот, почнувајќи од барањето за промена на учебниците, се до заедничкото одбележување на некои празници.

- ВМРО-ДПМНЕ нема ништо против странски високи претставници да ни го честитаат националниот празник. За нас нема ништо спорно високи гости да присуствуваат како гости, но мора да се знае дека Илинденското востание е автохтоно и македонско. Илинденското востание е кренато без ничија помош и истото е целосно автономно. Македонско е. На Илинден се удрени темелите на македонската држава. Секој друг обид поинаку да се претставува е обид за демакедонизација на Македонија, подвлече Вељаноски. 

 

 

 

21.06.2017 - 15:03

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа