Добра вест за струмичките земјоделци: Откупната цена на младиот компир се зголемува на 35 денари

 


Откупната цена на младиот компир во струмичко ќе се зголеми од 30 на 35 денари за килограм, беше соопштено по денешната средба на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски со откупувачите од струмичко, која се одржа во Општина Босилово.

Според откупувачите, со зголемената откупна цена производителите на компир треба да бидат задоволни.

-Во наредните седум до десет денови ќе го откупуваме компирот по договорената цена и да ги навикнеме купувачите да ја пазарат цената од 35 денари и сметам, иако е почеток на бербата, да остане оваа цена на задоволство на производителите и на откупувачите, изјави Доне Јанев откупувач од компанијата „Трофеј 08“, кој додаде дека годинашнава реколта е намалена во споредба со лани за 30 до 40 отсто.

Министерот Трипуновски смета дека резултатот од денешната средба е на задоволство на производителите.

-Сакам да потенцирам дека продолжуваме да се грижиме и да го цениме трудот на македонскиот земјоделец да работи со профит и рентабилно, зашто само така можеме да ја вратиме довербата кон институциите и да го зголемуваме земјоделското производство. Веќе на ЕНЕР е прикачен законот за земјоделство и рурален развој каде во наредните триесетина денови ќе можат да се дават коментари по него и каде е предвидено и уредување на пазарите, односно пласманот на земјоделски производи и по завршувањето на јавната расправа законот ќе биде пуштен во владина и собраниска процедура, изјави Трипуновски.

На новинарско прашање како оди откупот и пласманот на зелката, министерот одговори дека изминатите месеци е посветено големо внимание на ова и на иста маса е разговарано со откупувачите и земјоделците околу пласманот на зелката.

-Постигнавме одличен резултат затоа што сите заеднички покажавме дека кога ќе се постигне договор и истиот ќе се почитува тогаш македонскиот земјоделец добива цена каква што доликува. Досега е познато дека она што ќе значи девизен прилив од зелката во овој регион се движи над 32 милиони евра и тоа во минатото се нема случено, додаде Трипуновски.

Посочи дека според податоците од Државниот завод за статистика за првиот квартал од лани  и истиот од годинава има сериозен раст на откупот и пласманот на земјоделските производи, поточно во градинарскиот сектор зголемувањето е до 50 отсто во споредба со лани и тоа значи дека и Владата и Министерството се движат во вистинска насока на зголемување на производството и девизниот прилив од пласманот на производството.

21.05.2025 - 15:07

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега