Мицкоски: Левица манипулираат - си земаат пари од различни страни
Премиерот Христијан Мицкоски вели дека раководството на Левица не е тоа за што се претставува и оти од таа партија манипулираат со измами, како што лажеле дека не купиле деловен простор или дека се неподмитливи, а, како што нагласи, земаат пари од разни страни.
-Она што можам сега да го кажам е дека ревизорот треба да се позанимава со кеш трансакциите од сметката на политичката партија Левица до членови на највисокото раководство на партијата. Бидејќи ние политичките партии добиваме пари од Буџетот, така се финансираме на еден начин и донации од членови и активисти. Парите од Буџетот ги плаќаат граѓаните за јавни политики не за материјали и патни трошоци“, рече премиерот Христијан Мицкоски во гостување во „Тема на денот“ во Дневникот на Сител ТВ.
Тој потенцира дека е лицемерно од оваа партија да ги напаѓаат нивните колеги пратеници за тоа што добиваат патни трошоци во Парламентот, а тие во нивната партија си исплаќале патни и материјални трошоциод тоа што го добивале од граѓаните и буџетот.
-Така што онаа теза робеспјеровска дека се неподмитливите, паѓа во вода. Гледате какви скандали прават пратеници од Левица. Има во сообраќајна несреќа две лица повредени, да оставиме обвинителството да покаже, но, факт е дека има две лица со повреди во сообраќајна незгода со пратеник од редовите на Левица. Мора граѓаните да ја знаат вистината, не може од една страна да напаѓате, а од друга страна да злоупотребувате и да мислите дека ќе остане неказнето. Велеа дека нема врска оној деловен простор, за потоа да видиме од записник доставен до нас од нивното најтесно претседателство како договараат со една од банките да земат кредит, па потоа да го купат на попуст на лицитација, па добро било да не се објавува банката затоа што имала репутациски ризик“, рече Мицкоски.
Според него, од Левица со измама се обидуваат да манипулираат и ги слабеат позициите на граѓаните.
- Овие измамници се се, ама не се неподмитливи, затоа што ниту имаат реална програма, план и стратегија и визија, туку се служат со манипулација, рече Мицкоски во гостувањето.
-Допрва ќе следат докази, од тоа што сега се охрабруваат членови од нивната партија, за да сфатат граѓаните дека се се, само не тоа што се претставуваат, изјави премиерот Мицкоски прашан за неговата дебата што неодамна ја имаше во Парламентот со лидерот на Левица
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа