Со стратегија до пробив на земјоделските производи на странските пазари

 

Изработка на стратегиски маркетинг планови за извоз на македонско свежо овошје и зеленчук и преработки од овошје и зеленчук на европските и на светскиот пазар е целта на проектот „Развој на секторски маркетиншки планови за промоција на извозот на свежо овошје и зеленчук и преработки од овошје и зеленчук“, што денеска официјално беше промовиран.

Проектот изработен од АгБиз програмата на УСАИД, Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Република Македонија и владината холандска агенција ЦБИ – Центар за промоција на увоз од земјите во развој во соработка со компанијата Македонија Експорт идентификуваа по пет потенцијални извозни пазари каде македонските производи би имале најголема компетитивна предност.

За извоз на свежо овошје и зеленчук селектирани се пазарите во Србија, Русија, Словенија, Германија и Канада, додека за преработки од овошје и зеленчук во Србија, Чешка, Русија, Бугарија и БиХ. Во процесот на изработка на овие документи директно учествуваа и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Министерството за економија.

- Маркетинг плановите за извоз не свежо овошје и зеленчук се од огромно значење и ќе придонесат за зголемување на потенцијалите за извоз на земјоделски производи и нивни преработки. Главниот резултат на овој процес претставува дефинирање на таргет пазарите со најголем извозен потенцијал за македонските производители, изјави министерот за економија Ваљон Сарачини.

Тој посочи дека меѓународните пазари во денешно време се пософистицирани, поконкурентни, поиновативни и затоа е потребно нашите компании да го следат тој тренд со цел нивните производи да бидат поконкурентни и поиновативни на европскиот и на светскиот пазар.

- Агро-бизнис секторот, како еден од најпотенцијалните за извоз и неговото унапредување ќе значи и поттикнување на целокупниот економски развој на земјата. Преку маркетиншките планови производителите треба да научат како да инвестираат повеќе во производството, како нивните производи да бидат поиновативни и поконкурентни, да воспостават нов бренд преку кој производите ќе им бидат полесно препознатливи од страна на купувачите во Европа и да бидат рамноправни со другите учесници на европскиот пазар, рече Сарачини.

Нагласи дека Министерството за економија во 2010 година ја изработи Извозната стратегија на Република Македонија во која се дефинираат приоритетните сектори со најголем извозен потенцијал за развој на македонската економија, а тоа се текстилот, агробизнисот, автомобилските делови и ИТ технологиите.

- Маркетиншките планови отвораат перспектива за зголемување на извозот на традиционалните пазари за пласман на земјоделските производи, а воедно и отвораат можности за освојување нови пазари за свежото овошје и зеленчук, како и на преработките од овошје и зеленчук од македонското поднебје, истакна Сарачини.

Потсети дека извозот на преработки од овошје и зеленчук во 2007 година изнесувал 29,6 илјади тони, а во 2012 достигнал 40,5 илјади тони. Во 2012 година се бележи зголемување на извозот од  136,9 отсто во однос на 2011, а дури 173,1 отсто повеќе во однос на 2007 година.

Заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Зоран Коњановски истакна дека Владата останува силно посветена на промоцијата на македонскиот земјоделски производ.

- Имаме евидентен напредок во повеќе сектори, но не треба тука да запреме бидејќи можеме повеќе да направиме за промоција на македонските земјоделски производи. Покрај поддршката од Владата потребно е да се направи и промоција на македонските производи, поддршка на саемските манифестации и изработка на планови за маркетинг и промоција. Низата мерки добро спакувани треба да го определат понатаму дополнителниот извоз на земјоделските производи, рече Коњановски.

Тој посочи дека земјоделството е еден од главните сектори и столбови во политиките на Владата.

- Извозот на македонските земјоделски производи во 2006 година изнесуваше околу 242 млиони евра, а денес достигна до скоро половина милијарда евра. Во 2006 и 2007 имавме извоз од околу 400 илјади хектолитри квалитетно македонско вино, а сега извозот е еден милион хектолитри. Од Македонија најмногу се извезува тутун, вино и свежи земјоделски производи, но целта е да имаме дополнителна вредност во македонскиот земјоделски производ, односно преку преработката да постигнеме поголем ефект во земјоделството, посочи Коњановски.

Директорот на АгБиз Горан Дамовски информира дека процесот на  изработка на проектот траеше околу десет месеци и оти во него сите чинители активно учествувале.

- Дојде до сеопфатни секторски експорт маркетинг планови кои се реални, конкретни и во себе содржат конкретни предлог активности на кои пазари и на кој начин македонските земјоделски производи дополнително треба да се поддржат и да се промовираат со цел да успеат да бидат позастапени на пазарите и да се изнајдат нови пазари, изјави Дамовски.

Потсети дека процесот започна со анализа што е она што Македонија може конкурентно да го понуди на странските пазари, а како слабости беа алоцирани малите парцели на кои нашите земјоделци произведуваат и недоволната хоризонтална соработка меѓу земјоделците со цел да се обезбедат правилни семиња кои ги бараат странските пазари.

- Голем дел од преработувачката индустрија веќе ги има имплементирано стандардите за безбедност и сигурност на храна кои се бараат на американскиот и европските пазари. Постои портфолио на производи кои ги задоволуваат овие пазари и можат да одговорат на барањата, но треба да се работи на хоризонталната поврзаност и заедничката соработка за да се обезбеди потребната количина за задоволување на некој синџир маркети или поголеми увозници, рече Дамовски.

Амбасадорката Марриет Шруман истакна дека Холандија по големина на земјоделското производство е втора земја во светот по САД, а по извоз на земјоделски производи е трета во светот.

- Ние сме среќни што можеме да ги споделиме нашите искуства во областа на земјоделството со Македонија. Клучот за развојот на нашето земјоделство се  наоѓа во триаголникот составен од институциите, образованието и бизнисот, рече Шурман.

МИА