ВМРО-ДПМНЕ: МНР и МАНУ да ги осудат изјавите со кои се негира македонскиот идентитет

ВМРО-ДПМНЕ денеска го повика Министерството за надворешни работи и Македонската академија на науките и уметностите да ги осудат изјавите кои го негираат македонскиот идентитет.

- Министерството за надворешни работи има обврска да го штити угледот на државата и македонскиот народ, а досега гледаме само молк и замижување кое уште повеќе ги стимулира ретроградните структури кои го негираат постоењето на македонскиот народ. Последен е нападот врз највисоката научна установа, која од директорот на Националниот Историски Институт во Бугарија беше претставена како инструмент во рацете на Заев и не смее да се впушти во коментари на договорот кој е постигнат во Софија, особено на најавите за бришење на учебниците или тврдењата дека Македонија и Бугарија имаат заедничка историја, изјави Зоран Илиоски од ВМРО-ДПМНЕ.

Според него, претседателот на МАНУ, академик Таки Фити е директно повикан да ги демантира овие тврдења, но и МНР има обврска да побара да престанат омаловажувањата на македонската држава и институции.

- Зоран Заев во текот на целиот изборен период ветуваше дека ќе има експертски дебати и јавни расправи за секое позначајно прашање за државата, за сега да гледаме дека нема ни Д од дебата. СДС во целосно нетранспарентен процес го преговара договорот со Бугарија без да ги запознае и ја крие неговата содржина далеку од очите на јавноста. Ваквото однесување на Заев е директно охрабрување на некои кругови во Бугарија. Зоран Заев има обврска да ги информира граѓаните што договорил во Софија, рече Илиоски.

Тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот дека Република Македонија треба да има добри односи со сите свои соседи, но без притоа да се задира во националната, јазичната и културната посебност на нашиот народ

 

 

 

05.07.2017 - 16:05

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа