ВМРО-ДПМНЕ: Со предложениот ребаланс, СДСМ докажа дека нема визија

Со предложениот ребаланс на Буџетот, Владата на СДСМ уште еднаш покажа дека нема визија и дека е антиреформска, обвини денеска ВМРО-ДПМНЕ.

- СДС и Заев единствено што знаат и умеат е деструкција, криза и евтин политички популизам од кои немаат полза ниту државата, ниту граѓаните, рече Анета Димовска на прес-конференција. 

Според неа, Зоран Заев вчера, со предложениот ребаланс, го намали, наместо да го зголеми проектираниот раст на ниво на она што беше ветување.

- Најавуваше зголемување на капиталните инвестиции, а со предложениот ребаланс ги скрати за три милијарди денари што се цели 50 милиони евра помалку од проекциите кои ги имаше владата на ВМРО-ДПМНЕ. Сето ова е резултат на немањето визија, но и на тенденциозното блокирање на сите проекти почнати од владата на ВМРО-ДПМНЕ, од автопати и водоводи до изградбата на Клиничкиот центар, истакна Димовска.

Дополни и дека СДСМ ветуваше раст на економијата од 5 до 7 отсто годишно.

- СДС и Зоран Заев ветуваа дека имале решенија и проекти како да ги постигнат овие стапки на раст потценувајќи го привлекувањето странски инвестиции и други проекти што отворија стотици илјади работни места и во исто време овозможија проектиран раст за 2017-та година од три отсто, посочи Димовска, додавајќи дека незадоволството на земјоделците е пред кулминација, трагично изгледаат проекциите за реалоцирање 500.000 евра за локални и селски патишта, а нема оправдување и за обидот да се намалат проекциите на очекуваните приходи во буџетот.

Таа предупреди дека зголемувањето на даноците и воведувањето прогресивна стапка на данок ќе ја зголеми даночната евазија, ќе ја стимулира сивата економија и ќе премисли многу инвеститори од земјата и странство кои решиле да инвестираат во Македонија, да ги однесат своите инвестиции во други држави.

- СДС треба да се фатат за работа, бидејќи од нивните манипулации и од нивното креирање хаос никој нема полза. ВМРО-ДПМНЕ сериозно и детално ќе го анализира предложениот ребаланс и во собраниска процедура ќе предложи амандмани кои се од полза на граѓаните, порача Димовска. 

 

 

 

08.07.2017 - 15:33

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа