ВМРО-ДПМНЕ: Да се преиспита одлуката за поништување на проектот за реконструкција на Центарот за култура во Охрид

ВМРО-ДПМНЕ бара од министерот за култура Роберт Алаѓозовски да ја преиспита и повлече одлуката за поништување на проектот за реконструкција, надградба и осовременување на Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид која тој, обвинува партијата, ја донел тајно, нетранспарентно и зад грбот на јавноста.

Пратеникот Крсто Јовановски на прес-конференција праша дали Охрид и охриѓани не се достојни да добијат објект на кој ќе се гордеат и во кој ќе може да ги следат културно-уметничките настани во својот град, посочувајќи дека во Центарот за култура се сместени и работат националните установи Театар Охрид, Охридско лето и Библиотеката „Григор Прличев“.

- Реализацијата на овој проект предвидуваше целосна реконструкција, надградба и осовременување на постоечкиот објект на Центарот за култура „Григор Прличев“ по сите светски стандарди. Веќе беше обезбеден буџет, избрано беше идејно решение и фирма проектант, која треба да ја изработи потребната проектна документација по што би се отпочнало градежните активности за реконструкцијата на објектот, рече Јовановски. 

Додаде дека реализацијата на овој проект ќе значела дека Охрид и охриѓани, како и сите граѓани на Република Македонија и бројните странски посетители, првпат по многу години во Охрид ќе добијат објект каде културните и уметничките настани ќе може да ги следат во современи услови по сите светски стандарди.

- Но, сега тоа е стопирано од Алаѓозовски, Заев и СДС, кои не сакаат во Охрид да има нов, современ и квалитетен објект кој не е ниту нивна идеја, ниту пак нивно дело. Јавно го прашуваме министерот за култура и Владата на СДС, дали прекинувањето на овој значаен проект за бисерот на културата Охрид, значи живот за Охрид и охриѓани?, праша пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.

 

 

 

10.07.2017 - 15:33

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа