ВМРО-ДПМНЕ: Реформската влада на СДС која најавуваше штедење и одговорно работење преку ноќ заборави што се ветуваше

За само еден месец граѓаните имаат можност да го видат расипничкиот живот на висока нога, кој милуваат да го живеат министрите од владата на СДС. Уште веднаш заборавија на сите нивни изјави дека државата тоне во сиромаштија и тргнаа да си ги исполнуваат своите гастрономски желби, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

-Службата за општи и заеднички работи при владата објави оглас за набавка свежа риба, замрзната риба, октоподи и морски плодови кои ќе бидат на менито на функционерите од СДС во вредност од 400.000 денари. Како навиени пред изборите повторуваа дека граѓаните живеат со 40 денари дневно, а уште првиот месец трошат стотици илјади денари на морска храна, октоподи и риби. Згора на се, наместо штедење како што најавуваа, тие ги вработија сите оние таканаречени граѓански активисти кои сееја магла дека државата тоне во сиромаштија, истакна Коче Гаврилов.

Замислете, додаде тој, министерството за надворешни работи објави оглас за набавка на цвеќиња во вредност од 305.700 денари. Потенцирам 305.700 денари оглас за набавка на цвеќиња.

-Лицемерието како појава кај СДС, од ден во ден станува професија. Реформската влада на СДС која најавуваше штедење и одговорно работење преку ноќ заборави што се ветуваше. Тоа е начинот на работа на СДС. Го повикуваме директорот на СОЗР, Пеце Мирчевски, заедно со Зоран Заев, да не се расфрлаат со парите на граѓаните и уште веднаш да ги поништат огласите. Граѓаните немаат обврска да ги плаќаат гастрономските желби на Зоран Заев и СДС. Парите на граѓаните не се лични пари на СДС и Заев. Треба да се трошат одговорно, а не за задоволување на свои лични елитистички желби и за разубавување на работната атмосфера на министрите. Ова на граѓаните не им носи подобар живот, подвлече Гаврилов од ВМРО-ДПМНЕ.

 

 

 

11.07.2017 - 14:50

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега