Милошоски за Алфа: Криењето на договорот со Бугарија отвара сериозни дилеми и буди сомнежи во јавноста

Во интервју за Алфа ТВ пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен министер за надворешни работи кажа дека владеачкото мнозинство цело време обвинувало дека ВМРО-ДПМНЕ биле нетранспарентни, а денеска кога тие побарале да се разговара за содржината на договорот со Бугарија, тие одбиле.

-Три години раководството на СДСМ критикуваше дека Собранието не треба да е потчинето на Владата, за после пола час од одбивањето на тој предлог да пристигне премиерот и претседател на СДСМ и тоа што парламентарното мнозинство го одби, да не дискутираме за договорот Македонија-Бугарија, тој изјави дека прифатил да се дискутира за тој договор следната недела, во термин кој е згоден и за Собранието и за Владата. Затоа гледаме дека владеачкото мнозинство во Собранието предводено од СДСМ, два принципи кои ги промовираше не ги почитува, тоа е принципот на транспарентност и вклучување на опозицијата во процесите на одлучување. Втората работа, не успева собраниското владеачко мнозинство да се издигне над партиското ниво и да биде контролор на Владата, изјави Милошоски.

Милошоски кажа дека испаѓа дека премиерот одлучува во името на пратениците на СДСМ, дали некое прашање ќе се дискутира или нема да се дискутира. Тој кажа дека во секој случај тие се задоволни што преку упорноста што ја имаа и преку јавноста успеале овој важен документ, барем со ветување сега да го донесат до Собранието.

-Ако можат пратениците во Бугарија, да бидат запознаени и да дискутираат за Македонско-Бугарскиот нацрт договор, тогаш зошто да не можат пратениците во Македонија. Ние исто сме избрани од граѓаните и имаме право да знаеме што се случува во име на граѓаните и во име на државата. Досега договорот се криеше и тоа создаваше сомнеж што има да се сокрие во тој договор. Се надеваме дека следната недела ќе имаме увид и да дискутираме за овој договор, на отворена или затворена седница за јавноста, така како што ќе одлучи владеачкото мнозинство, ние ќе се согласиме, изјави Милошоски.

Милишоски кажа дека веројатно имало причина што досега се криел договорот. Тој кажа дека тие што добиваат повеќе имаат мотив плус да кажат повеќе, се фалат по медиумите и истиот го презентираат.

-Тие што можеби губат повеќе, не успеале да преговараат добро, имаат одредени штетни клаузули за Македонија или контроверзни во најмала рака, тие можеби имаат причина повеќе да го сокриваат договор. Цениме дека тука негде се крие вистината околу таинственоста досегашна на СДСМ по однос на преговорите, изјави Милошоски.

Тој кажа дека фраза „опозцијата треба да има подадена рака за соработка“ е една флоскула која што се користи пред меѓунардната јавност, бидејќи добро звучи, но како што се гледа тоа на дело не функционира, вели Милошоски. Тој како пример го даде Александар Николоски, кој беше именуван за амбасадор во ЕУ, тој ги помина сите процедури, ги доби сите агремани и на крај Владата одлучи и покрај тоа што ги има сите потребни законски и уставни работи, да не го испрати за амбасадор во Брисел.

-Ако зборуваме дека евроинтеграцијата ни е заеднички приоритет, тогаш зошто да немаме заеднички човек кој ќе не претставува во Брисел. ВМРО-ДПМНЕ ја имаше таа доблест и големина да го испрати поранешниот пратеник на СДСМ Нано Ружин, да ја претставува Македонија во НАТО и добивме препорака за членство во НАТО, што и ќе се случеше доколку немаше грчка блокада. СДСМ ја нема таа големина на дело да покаже дека сака консензус и дека сака да има подадена рака, заедно со опозицијата да работи на надворешно политичките приоритети, изјави Милошски.

Тој кажа дека мисли дека засега позициите на власта се декларативни, а на дела го покажуваат спротивното, дека не ја вклучуваат опозицијата и дека таинствено и еднострано ги водат работите во надворешната политика. Милошоски се осврна и на проблемот со името и кажа дека ВМРО-ДПМНЕ уште во 2006 во својата програма вметнал дека доколку доаѓа до промена на името, за тоа ќе мора народот на референдум да одлучува, за да не може одредена група на политичари да ја одбегне волјата на народот. Такво нешто сега најави и министерот за надворешни работи Никола Димитров.

-Драго ми е што и СДСМ под притисок на јавноста и тежината на исправноста на овој принцип, го прифати ова начело. Најавата на министерот Димитров, дека Македонија е подготвена за референдум може да се толку на два начина. Едниот е дека тој го прифаќа тој принцип, принцип на конечно одлучување на ова прашање кога ќе дојде време за тоа. Друго можно толкување е дека министерот Димитров знае нешто повеќе, дека веќе има одреден предлог за кој што се разговара, а можеби не е споделен со македонската јавност и за кој што се подготвува терен за создавање на услови за референдум, според мене после локалните избори. Бидејќи пред локалните избори, гледаме владеачкото мнозинство не сака да отвара и да споделува теми кои што се контроверзни за јавноста и тие затоа ги чуваат во таинственост, изјави Милошоски.

Милошоски кажа дека би требало да се држиме до пресудата од Хаг, каде се вели дека Македонија е во право, дека Грција ја прекршила привремената спогодба и нема право да не блокира за евро-атлантските интеграции.

 

 

 

14.07.2017 - 21:45

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега