Македонска владина делегација во официјална посета на БиХ

Македонска владина делегација предводена од премиерот Зоран Заев од денеска ќе престојува во дводневна официјална посета на Босна и Херцеговина.

Во текот на утрешниот ден премиерот Зоран Заев и членовите на македонската делегација ќе остварат повеќе одделни и заеднички средби во Советот на министри на Република Босна и Херцеговина, со високи претставници на Претставничкиот дом на Парламентарното Собрание на БиХ, со Претседателството на БиХ, како и со лидери на одделни политички партии.

По средбата со претставници на Советот на министри на БиХ, според информациите од Службата за информирање на Советот на министри на БиХ, планирани се изјави на премиерот Заев и претседавачот на Советот на министри на БиХ, Денис Звиздиќ. 

Во состав на македонската делегација, како што соопшти прес- службата на македонската Влада, се и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерот за економија Крешник Бектеши, министерот за земјоделство Љупчо Николовски, министерот за култура Роберт Алаѓозовски и министерот задолжен за дијаспора Едмонд Адеми.   

Во рамки на посетата предвидено е да биде потпишан меморандум за разбирање меѓу македонското Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство и Министерството за надворешна трговија и економски односи на БиХ, како и потпишување на Програмата за културна соработка меѓу македонското Министерство за култура и Министерството за цивилни работи на БиХ.

Според агендата предвидено е македонскиот премиер заедно со претседавачот на Советот на министри на БиХ да положат цвеќе на спомен обележјето на трагично загинатиот македонски претседател Борис Трајковски и членовите на неговата делегација.

Премиерот Заев заедно со Звиздиќ ќе присуствува во Мостар на манифестацијата „Мостар не ги заборава пријателите“ каде ќе му биде врачена наградата „Mostar Peace Connection“ и ќе биде потпишан документот „Мостар повелба на мирот“.

 

 

 

22.07.2017 - 13:12

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега