Врховен денеска ќе одлучува по жалбите за притвор

Од СЈО во текот на денешниот ден се очекува да објават и став за правото на жалба на одлуката на Апелација за Грујевски, Јакимовски и Бошковски.

Совет од пет судии во Врховниот суд денеска ќе заседава по жалбите за одредениот притвор на Горан Грујевски, Тони Јакимовски и Никола Бошковски, потврди за Плусинфо претседателот на Врховен, Јово Вангеловски.

Како што вели тој, ако е сѐ во ред и предметите се комплетирани, најверојатно притворот за тројцата од Управата за безбедност и контраразузнавање (УВК) денес ќе се најде пред судиите.

Од Врховен по приемот на жалбите во петок најавија дека ќе се одлучува откако ќе добијат одговор од Специјалното јавно обвинителство (СЈО).

Од СЈО, утрово, исто така ни потврдија дека тие одговориле на жалбите веднаш во петокот што значи дека предметите се комплетирани и врховните судии може да одлучуваат. Од тимот на Катица Јанева во текот на денешниот ден се очекува да излезат и со став во врска со правото за жалби на одбраната за решенијата за притвор.

Тројцата за чии мерки на претпазливост треба да пресече Врховниот суд се обвинети во предметите „Таргет“ и „Тврдина“. Грујевски е поранешен началник на Петтата управа во УБК, Јакимовски беше шеф на кабинетот на директор на УБК, Сашо Мијалков, а Бошковски исто така е вработен во Управата.

На нив, најпрво, од Основниот суд Скопје 1 им беа одземени пасошите. По жалбата на СЈО до второстепениот суд, советот во Апелација им одреди мерки притвор од 30 дена, по што одбраната се жалеше до Врховен.

 

 

 

24.07.2017 - 10:53

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега