Сопругата на Мартин Треневски ќе седне во неговата амбасадорска фотелја во НАТО

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов ја одобрил амбасадорската листа на Владата. Тој, пред на почетокот на август, без да внесе никакви измени, го вратил списокот на имиња за амбасадори до Министерството за надворешни работи, каде во моментов се подготвуваат барањата за агремани за идните амбасадори во над 15 македонски дипломатско-конзуларни претставништва. За деветмината амбасадори кои само ќе ја променат државата, процедурата е веќе завршена.

Иако МНР и претседателот ја утврдиле листата од 25 шефови на мисии уште пред да пристигне на одобрување кај Иванов, тој сепак го искористи рокот од еден месец да ги потврди имињата. Тој одобрил разрешување на амбасадорот во Тирана - Веле Трпевски и амбасадорот во Приштина Стојан Карајанов, кои сега се селат во нови фотелји - Трпевски во Канбера, а Карајанов во Тирана. 

 Никола Димитров од Хаг се сели во Москва, а на неговото место доаѓа Игор Попов од Љубљана. Илија Исајловски од Москва оди во Пекинг, а Оливер Шамбевски од Пекинг се сели во Рим. Понатаму, Даниела Караѓозоска го напушта Загреб и оди во Отава, а Фуад Хасановиќ преминува од Катар во Сараево. Агрон Буџаку останува да биде амбасадор во Париз.

 Василка Попоска - Треневска прв пат ќе седне во амбасадорска фотелја и тоа на нејзиниот сопруг Марти Треневски кој досега беше амбасадор на Македонија во НАТО. Други нови имиња се Гоце Карајанов кој треба да биде генерален конзул во ЊујоркГазменд Илјази кој ќе стане шеф на мисијата во Женева и Шабан Јашари амбасадор во Катар.

 

21.08.2013 - 13:13

најчитано сега