ЦК на ВМРО-ДПМНЕ со повик до членовите: За да се избегнат можни црни сценарија, не присуствувајте на настаните за Илинден организирани од Владата на СДС

Централниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ, на седницата одржана на 29.07.2017 година, се осврна на се погласните шпекулации дека за време на чествувањето на македонскиот национален празник Илинден, ВМРО-ДПМНЕ наводно ќе организирала инциденти и насилства, информираат од партијата.

-Централниот Комитет исто така ги дискутираше и информациите за можно сценарио од одредени центри, да бидат исценирани насилства или било какви инциденти во време на одбележувањето и прославата, и истите да бидат наметнати како вина на ВМРО-ДПМНЕ и неговите членови и поддржувачи по истиот терк на настаните на 27-ми април оваа година, по што би следеле нови хајки и прогони против партијата, членството, и раководството, и би биле во правец на нарушување на угледот и имиџот на ВМРО-ДПМНЕ пред домашната и меѓународната јавност како демократска партија. Оттука, ЦК на ВМРО-ДПМНЕ донесе одлука јавно да ги повика членовите и поддржувачите на партијата овој пат да се воздржат од присуство на настаните кои ги организира Владата на СДС, а со цел да не бидат со умисла и со подготвено сценарио испровоцирани и навлечени на реакција, а потоа и обвинети дека предизвикале инцидент или насилство, стои во соопштението на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

Доколку, се додава во соопштението, некои сепак одлучат да присуствуваат, ги повикуваме да бидат крајно воздржани на можни провокации и да не дозволат да бидат вовлечени во можни исценирани инциденти.

-Секако, ВМРО-ДПМНЕ ќе најде начин со соодветен чин да изрази почит и да го одбележи херојството на нашите предци во нивната борба и лична жртва за слободна, независна и демократска Република Македонија. Уште еднаш Централниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ потсетува дека револтот на граѓаните од овој капитулантски договор на марионетската влада на СДС не треба да биде насочен кон соседна Бугарија и нејзините претставници и граѓани. Истите како и секоја друга држава се борат за интересите на нивната држава, и не сносат никаква вина што Владата на СДС носи незрели и штетни за нацијата одлуки од кои последиците ќе доаѓаат не толку денес, колку во наредните години. Начинот да се казни ова однесување е на следните избори кога повторно моќта ќе се врати во рацете на народот.

 

 

 

 

31.07.2017 - 17:55

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега