ВМРО-ДПМНЕ: СДС разреши над 60 директори професионалци во здравството

СДС и Таравари разрешија над 60 директори на здравствени установи кои се професионалци во своите области, за на нивно место да постават партиски послушници, непрофесионални кадри и лекари кои ја прекршиле Хипократовата заклетва, а некои од нив јавноста ги виде на дело како осомничени за земање стотици евра мито од само еден пациент. Ова денеска го изјави Дарко Костовски од ВМРО-ДПМНЕ пред Клиника за уво, нос и грло. 

- Новото кадровско решение на СДС за директор на Клиниката за уво, нос и грло Јане Нетковски, јавноста го памети како лице кое беше приведено од полицијата и на кое му беше поднесена кривична пријава за земање мито од пациентка, со цел да изврши две хируршки интервенции. Како таков тој е пример за лице кое не треба да биде ниту лекар, а не пак директор на цела клиника, истакна Костовски. 

Единствена предиспозиција која Нетковски ја има за да биде директор на Клиниката за уво, нос и грло, како што рече, е тоа што добро го совладал занаетот на шефот на Таравари, Заев, а тоа е барање поткуп од граѓаните за работи кои се должни да ги извршат по автоматизам и согласно закон и за кое Нетковски доби кривична пријава.

Костовски праша дали ова се професионалците кои СДС ги ветуваше и дали се ова луѓето кои треба да го водат македонското здравство и да се грижат за здравјето на граѓаните. 

- Ова е крах за македонското здравство. Замислете како ќе изгледа вашето доаѓање во клиника во која директорот сте го виделе како е апсен за земање и сите го знаат тоа. Дали Таравари и СДС со поставувањето на вакви кадри им упатуваат порака на граѓаните дека ако сакаат да бидат прегледани или да им биде извршена некоја интервенција ќе мора за тоа да го подмитат лекарот, наведе Костовски. 

Според него, директорите на клиниките не треба да се грижат за сопствениот џеб и не треба во пациентите да гледаат само како на средство преку кое ќе стигнат до материјална добивка.

- Граѓаните заслужуваат медицински третман кој согласно закон им следува, без притоа да треба да поткупат лекар за да добијат услуга која по закон им следува и која лекарот е должен да ја даде, без притоа да бара мито. Заради ваквата неодговорност и неспособност СДС ќе се соочи со политичка одговорност на следните локални избори и ќе биде целосно делегитимиран од страна на граѓаните, изјави Костовски.

 

 

 

05.08.2017 - 15:01

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега